Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова ги стави под сомнеж тврдењата на САД дека групата Исламска држава стои зад масакрот во концертна сала во близина на Москва, пишува Ројтерс.



Во најсмртоносниот напад во Русија во последните две децении – загинаа 137 луѓе, а други 182 беа повредени.

Напаѓачите – од кои најмалку еден е од Таџикистан – беа приведени под обвинение за тероризам.

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот, тврдење кое САД јавно го поддржаа. Американските власти соопштија дека претходно овој месец ја предупредиле Русија за разузнавачки информации за претстојниот напад.

Путин најави дека ќе ги казни одговорните за масакрот во Москва, но тој јавно не ја спомна исламистичката милитантна група во врска со напаѓачите, за кои рече дека се обидувале да побегнат во Украина.

Путин изјави дека „украинската страна“ била подготвена да ги однесе вооружените лица преку граница. Украина негираше каква било улога во нападот, а Зеленски, го обвини Путин дека се обидува да ја отфрли вината за нападот во концертната сала обвинувајќи ја Украина.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги стави под сомнеж американските тврдења дека Исламската држава, која некогаш се обидуваше да контролира делови од Ирак и Сирија, е одговорна за нападот.

„Внимание – прашање за Белата куќа: Сигурна ли сте дека тоа е ИСИС? Нема ли да се предомислите подоцна?“, реторички праша таа.

Захарова рече дека САД шират верзија на „хоророт“ и потсети дека Вашингтон ги поддржува борците „муџахедини“ кои се бореле против советските сили во 1980-тите.