Русија се закани дека ќе ги нападне американските воздушни бази во Полска со „напредно оружје“ само неколку часа откако наводно лансирала интерконтинентална балистичка ракета кон Украина.
Москва оцени дека отворањето на новата американска база за балистичка ракетна одбрана во Реџиков, во близина на балтичкиот брег, „го зголемува целокупното ниво на нуклеарна опасност“, додавајќи дека базата е додадена на руската листа на потенцијални цели.
Објектот, кој беше отворен на 13 ноември, е дел од поширокиот противракетен штит на НАТО наречен „Aegis Ashore“, кој е дизајниран да пресретнува балистички ракети со краток и среден дострел.
„Ова е уште еден отворено провокативен чекор во низата длабоко дестабилизирачки акции на Американците и нивните сојузници“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова по повод отворањето на базата.
„Американската воена база е додадена на листата на приоритетни цели за потенцијално уништување, што, доколку е потребно, може да се изврши со широк опсег на напредно оружје“, заклучи таа.
Нејзината изјава дојде неколку минути откако украинските воздухопловни сили објавија дека рано утринава била истрелана интерконтинентална балистичка ракета од база во Јужна Русија, во регионот Астрахан во близина на Каспиското Море.
Руските власти сè уште не го потврдиле ова лансирање, но доколку е вистина, тоа би било првпат да се користи ваква моќна ракета во војна.
Наводниот напад доаѓа откако Украина ги искористи американските ракети АТАКМС и британските проектили „стром шадоу“ за уништување цели во Русија, по одобрението од Белата куќа оваа недела – што Москва со месеци предупредуваше дека ќе ја смета за сериозна ескалација.





