Рускиот фудбалски премиерлигаш Рубин Казан најави санкции за својот играч и репрезентативец на Албанија, Мирлинд Даку, кој по натпреварот со Хрватска на Европското првенство во Германија ги поттикна албанските навивачи на стадионот во Хамбург да скандираат пцуење на Македонците.
„Напаѓачот Мирлинд Даку си дозволи навредливи извици по натпреварот на ЕП 2024 за репрезентацијата на Албанија против Хрватска.
Нашиот клуб ја прифаќа одговорноста за тоа што се случи. ФК Рубин претставува мултинационален тим и секогаш се придржува до принципите на почит и еднаквост, категорично осудувајќи ја секоја форма на дискриминација и навреди на национална, верска или расна основа.
По враќањето на располагање на клубот, против фудбалерот ќе бидат применети дисциплински и финансиски санкции. Ќе се разговара и со играчите на клубот со цел да се избегнат вакви инциденти во иднина“, се вели во соопштението на клубот со кој Даку го обврзува договор до јуни 2026 година.






