На делницата која дел е изградена, а дел се уште се гради кај Момин поток, ќе треба одново да се работи ако се реализира гасоводниот прстен околу Скопје, се констатира во ревизорскиот извештај кој открива дека државната Номагас предвидела градење на гасоводот, но на градот не му се чекало.
„Изградена е нова сообраќајница и кружен тек, со што при изградба на гасоводниот прстен би требало повторно да се работи на веќе изградените објекти“, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) до кој дојде Радио Слободна Европа.
Во дел од извештајот ревизорите констатираат дека сега веќе државното претпријатие за гас „Номагас“, кое е формирано од АД ГАМА и државното Македонски енергетски ресурси (МЕР), поседува цевки кои, меѓу другото, би се користеле за доизградба на гасоводен прстен околу Скопје. Се работи за 4 километри кои недостигаат за да се затвори гасоводот кој го обиколува главниот град, а кој е дел од магистралниот гасовод.
Ревизорите заклучуваат дека овој дел од гасоводот е исклучително важен и претставува траса која во март 2020 година била вцртана во инфраструктурните проекти на Градот Скопје.
РСЕ потсетува дека во април 2021 година тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, го промовираше проектот.
Клучката е најавена како еден од најсложените сообраќајни проекти во последниот половина век во градот кој ќе чини 18 милиони евра.
„Се предвидува изградба на 2 кружни тека, првиот во близина на приватната болница „Систина“, а вториот на крстосницата кон населбата Визбегово. По оваа сообраќајница поминуваат 25 илјади возила дневно, рече Шилегов на промоцијата…






