РСЕ: Албанскиот политички блок ќе коалицира со македонски партнер во владата по 8.5, ако се внесат Бугарите во уставот

„По спроведувањето на парламентарните избори, закажани за 8 мај годинава, еден од клучните чинители во преговорите за владејачкото мнозинство ќе биде и донесувањето на уставните измени, со кои Бугарите и пет други етнички малцинства треба да станат дел од македонскиот устав. Измените на преамбулата се услов, со кој ќе се овозможи продолжување на преговорите со Европската Унија. Албанскиот политички блок во земјава, како клучен услов за коалицирање со македонски партнер во Владата по изборите го наметнува донесување на уставните измени веднаш по конститутивната седница во Собранието која ќе треба да се одржи најдоцна до 29 мај.“ – пишува новинарката Зорана Гаџовска-Спасовска во својата анализа со наслов „Уставни измени, стратегиски инвестиции и пакет реформи во наследство на новото Собрание“, која ја објави македонската редакција на Радио Слободна Европа.



Покрај другото, натаму во анализата се наведува: Процесот за уставните измени во Собранието беше започнат на 18 август минатата година, но тогашниот собраниски спикер Талат Џафери ја прекина седницата затоа што вледејачката коалиција на СДСМ и ДУИ не успеа да го обезбеди двотретинското мнозинство, неопходно за отворање на Уставот.

„Никој нема да може да формира Влада, без да обезбеди европски пат за државата. Никој нема да може да формира влада, ако во наредните три месеци од таа влада не обезбеди уставни измени. Тоа не е никаква закана, туку такви се геополитичките околностите. Ова се снима, го потпишувам дека тоа ќе биде така.“ – изјави неодамна сегашниот министер за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ.

Вкупно 130 закони и одлуки останале недонесени од пратениците во овој парламентарен состав. Ноите пратеници ќе работат според нов Деловник. Како наследство од претходниот состав тие ќе добијат незавршени задачи, односно ќе треба да донесат стратегиски одлуки за државата и нејзините реформи. Новиот пратенички состав ќе треба да одлучува и за стратешките инвестиции во енергетиката за кои Владата преговараше повеќе од две години, но до Собранието ги достави кон крајот на мандатот.

Една од најголемите реформи, која се подготвуваше со години, се однесува на администрацијата и на обидот да се спречи партиското вработување во јавниот сектор. Пакетот од пет закони за администрацијата, остана заглавен во собранието со месеци. Овој пакет закони го изработуваше Министерството за информатичко општество од 2017 година и со нив се предвидуваше реформирање на принципот на вработување и унапредување во јавниот сектор по систем на заслуга. Со тоа требаше да се реши една од најчестите критики од Европската Комисија за партиски вработувања и да придонесе за професионална и деполитизирана администрација.