Бугарскиот премиер Николај Денков поднесе оставка до Народното собрание, како дел од планот за ротација на ГЕРБ и „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).



Според договореното, тој треба да остане на чело на кабинетот во период од 9 месеци, по што оваа функција треба да ја преземе актуелната министерка за надворешни работи, Марија Габриел.

Габриел: Уставните измени не се единствениот услов за Скопје

Оставката на Денков е оставка на целата влада. Сепак, ќе продолжи да ги извршува своите функции додека не се избере нов.

Прво, мора да се гласа во парламентот, но не е определен рок до кога тоа мора да се случи..

Откако тоа ќе се случи, претседателот Румен Радев мора одново да ја започне процедурата за предавање на мандатот за формирање влада. Прва е коалицијата со најмногу гласови на последните избори – ГЕРБ-СДС.

Доколку не успее да формира влада, мандатот ќе го добие втората политичка сила – ПП-ДБ, а во случај и таа да не успее, мандатот ќе го добие партија по избор на претседателот. Доколку ниту една од овие партии не формира влада, претседателот назначува привремен кабинет чија цел е да организира предвремени избори.

Според 40% од Бугарите, најдоброто нешто што може да и се случи на администрацијата во блиска иднина е да се изврши ротацијата меѓу Николај Денков и Марија Габриел.

Ова го покажува новото истражување на „Алфа Рисрч“, спроведено меѓу 1.000 полнолетни граѓани во периодот од 27 февруари до 3 март 2024 година, пренесува bTV.

27 отсто од Бугарите се со став дека е подобро да има предвремени парламентарни избори заедно со европските во јуни, а 16 отсто не можат да одлучат која е подобра опција.

Генерално, оценката за активноста на Владата е негативна – 52,9%. Вицепремиерката Марија Габриел води во позитивните оценки пред Николај Денков – има 34,7% одобрение наспроти 23,6% за Денков.