Стефан Ристовски и Аријан Адеми со Динамо Загреб славеа со 2:1 над седумкратниот европски првак Милан, но големата победа на „Максимир“ се покажа пирова, бидејќи „модрите“ се првата екипа на табелата во Лигата на шампионите што не оди понатаму.



Од осумте одиграни натпревари фудбалскиот шампион на Хрватска освои 11 бода, колку и Манчестер Сити, Спортинг и Бриж, но тимот на македонските репрезентативци заврши на 25. место поради најслаба гол-разлика, полоша за два гола од Белгијците, последни што се протнаа во 16-финалето.

Адеми одигра 70 минути и беше третиот најдобро оценет играч на средбата, а Ристовски ги доигра последните 20 минути.

Бојан Миовски, кој неодамна се врати од повредата што го одвои од теренот речиси два месеца, го преседе на клупата на Жирона целиот домашен дуел со Арсенал, од кој каталонскиот тим загуби со 2:1 и се прости од ЛШ како 33. меѓу 36 тима.