„ВМРО ДПМНЕ и албанската опозициска коалиција Вреди соопштија дека столбовите на новата Влада се засноваат врз вроинтеграциите, економскиот развој, владеењето на правото. Во однос на борбата против корупцијата, организираниот криминал и владеењето на правото нема никакви разлики меѓу ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Вреди. Претставниците на двата блока изјавија дека ќе разговараат за поделба на министерствата, откако ќе се договорат за програмските прашања, или за најчувствителните теми, особено за интеграциите.“ – се истакнува во анализата под наслов „Уставните измени се ‘јазол’ во разговорите меѓу ВМРО ДПМНЕ и Вреди“, која ја објави Радио Слободна Европа на албански јазик.
Натаму во анализата се наведува: Што се однесува до евроинтеграциите, кои се очекува да бидат меѓу главните столбови на работата на новата Влада, партиите се различни во ставовите за уставните измени, кои се услов за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Измените треба да се направат, за да се вклучи бугарското малцинство во преамбулата на Уставот како државотворен народ, врз основа на договорот постигнат со Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања се изјасни против измената на Уставот „според бугарски диктат“. Од коалицијата Вреди велат дека таа е „гарант оти уставните измени ќе се случат“.
Партијата на Мицкоски решението на овој проблем го гледа во усвојувањето на уставните амандмани и нивното спроведување само откако земјата ќе биде блиску до членството во ЕУ, или откако ќе завршат преговорите. „Одложеното спроведување на уставните амандмани е алтернатива, која е целосно во согласност со досегашната практика на сите држави, кои пред чинот на нивното полноправно членство во ЕУ најчесто прават неопходни, или условени уставни измени.“ – се наведува во програмата на ВМРО ДПМНЕ.
Коалицијата Вреди смета дека уставните измени ќе се спроведат во период од од 6 до 9 месеци, или по изборите за Европскиот парламент, како и по изборите во Бугарија, за да има стабилна влада, со која се надева дека ќе се разговара за некаков нов компромис. „Европскиот пат на * Македонија значи промена на Уставот, правење одредени уставни измени. Тешко дека ќе се смени преговарачката рамка. За ова прашање ќе разговараме уште еднаш, бидејќи во јуни има избори во Бугарија. Да видиме дали ќе има стабилна влада во Бугарија, што е многу важно за европската иднина.“ – изјави Арбен Таравари, еден од лидерите на Коалицијата Вреди.
Тој очекува поддршка од Соединетите Американски Држави и Европската Унија преку нивните пратеници, за да се деблокира интеграцискиот процес и со тоа да се отвори европската перспектива на земјата. Американскиот Стејт Департмент, по заклетвата на новата претседателка Гордана Силјановска-Давкова, на 13 мај објави соопштение, во кое ги охрабрува Скопје и Софија да го продолжат меѓусебниот дијалог, како што се наведува, „во рамки на заедничките заложби за идното полноправно членство на * Македонија во ЕУ“.
Порача и Европската Унија порача дека новата македонска влада мора да остане посветена на евроинтеграциите и исполнувањето на обврските, кои произлегуваат од двостраните договори.





