Стиховите на Игор Џамбазов поради кои Македонец со семејството се вратил од Германија се напишани од Константин Миладинов кон крајот 19 век а се искажани на годинешната Буба Мара каде популарниот шоумен ги рецитираше со многу емоции.
Македонскиот печалбар Иван откако ја слушнал изведбата на легендарната песна Т’га за југ од Џамбазов одлучил своето семејство со сопругата и две деца да го врати да живее во Македонија.
Иван во писмото до Џамбазов зборува дека стиховите на Т’га за југ кај него предизвикале реки солзи по што решил да се врати во татковината.

Во одговорот до Иван, Џамбазов порачува дека нема Македонија без Македонци.
,,Драг мој @ivan.r.ski , добредојдовте дома! Кога веќе државата не ви покажала дека ве сака и дека сте и потребни, тогаш Вие покажете и што е тоа љубов кон мајковината, и колку таа ви е потребна вам, без разлика на се’. Скептиците ќе речат дека враќањето дома од Германија не е добар потег. Јас ви велам, одличен е! Како ќе ја оправаме Македонија без Македонци? Ве чекам во Дојран…”, одговара Џамбазов.
Како Џамбазов ја пренесе носталгијата кон Македонија од Константин Миладинов на Буба Мара:
Песната Т’га за југ е напишана во Москва во 1860 година
Орелски крилја как да си метнех,
И в наши ст’рни да си прелетнех!
На наши места ја да си идам,
Да видам Стамбол, Кукуш да видам,
Да видам дали с’нце и тамо
Мрачно угревјат како и вамо.
Ако как овде с’нце ме стретит,
Ако пак мрачно с’нцето светит
На п’т далечни ја ќе се стегнам
И в други ст’рни ќе си побегнам,
К’де с’нцето светло угревјат,
К’де небото ѕвезди посевјат.
Овде је мрачно и мрак м’ обвива
И темна м’гла земја покрива:
Мразој и снегој и пепелници,
Силни ветришча и вијулици;
Околу м’гли и мразој земни,
А в гр’ди студој и мисли темни.
Не, ја не можам овде да седам,
Не, ја не можам мразој да гледам!
Дајте ми крилја ја да си метнам,
И в наши ст’рни да си прелетнам:
На наши места ја да си идам,
Да видам Охрид, Струга да видам.
Тамо зората греит душата
И с’нце светло зајдвит в гората:
Тамо дарбите природна сила
Со с’та роскош ги растурила:
Бистро езеро гледаш белеит
Или од ветар сино – темнеит;
Поле погледниш или планина,
Сегде божева је хубавина.
Тамо по срце в кавал да свирам,
С’нце да зајдвит, ја да умирам.
Константин Миладинов






