Резолуцијата на Коминтерната од 11.1.1934 за македонскиот народ и јазик и доказите на Драганов против „свињарите-бугаромани“, кои ги негираат!

„… Буржоазијата на доминантните нации во трите империјалистички земји, меѓу кои е поделена Македонија, се обидува да го прикрие националното угнетување, ги негира националните одлики на македонскиот народ и неговото постоење. Грчките шовинисти тврдат дека Македонците се словенизирани Грци, а великосрпските шовинисти го прогласуваат тоа население како едно од “племињата” на југословенската нација и го подложуваат на насилно посрбување. Бугарските шовинисти велат дека Македонците се Бугари и на тој начин сакаат да го оправдаат освојувањето на Петричко и анексионистичната политика во однос на цела Македонија…“– ова е еден од клучните ставови во Резолуцијата на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање, како официјален политички документ, со кој за првпат во меѓународната историја е признато постоењето на македонскиот народ, на македонската национална свест и на македонскиот јазик. Таа Резолуција од историско значење за македонскиот народ била одобрена од Политичкиот секретаријат на Коминтерната на 11 јануари 1934 година, а е усвоена од Извршниот комитет на Коминтерната во февруари 1934 година. Текстот на овој документ го објавил весникот “Македонско дело“ во април 1934 година.



Во својата статија со наслов „Резолуција на Коминтерната од 1934 година за македонското прашање“ „Википедија“ на македонски јазик истакнува: Во јуни 1931 година техничкиот секретар на Коминтерната Ото Кусинен во својот извештај за националното прашање пред Извршниот комитет го наведува немањето оценка за националното прашање како главна слабост на секциите на Коминтерната. Како пример на таква грешка Кусинен ја истакнува замената на слоганот „право на самоопределување на народите до одвојување“ со пропагандистичкиот слоган за Балканска федерација на работничко-селските републики и т.н. Затоа Кусинен ги повикува соодветните комунистички партии да разговараат повторно за националното прашање, заради „изготвување нова национална програма“ за секоја од партиите. Во меѓувреме, до балканските комунистички партии пристигнува директива за постепено напуштање на слоганот за Балканска федерација. На преден план се истакнува „правото на народите на самоопределување до отцепување”.

Со оваа директива на Македонците им се признава правото за самоопределување. Тоа било искористено од страна на членовите на ВМРО (Обединета) да го постават прашањето за признавање на македонската нација. Бездруго ова барање издејствувало во споменатата Резолуција на Коминтерната да се нагласи и овој исклучително важен дел: „Македонскиот народ и македонскиот јазик никогаш од никого не побарале никакво официјално признавање на нивното постоење. Немало ниту причина да го бараат тоа. Може да се бара признавање за држава, или институција, но не и за народ или јазик. Македонскиот народ еден век и половина води непрестајна борба за афирмација на својот национален ентитет, а во овие рамки и за сопствениот јазик и сопствената култура.“

Коминтерната, односно Комунистичката Интернационала, која ја донесе споменатата Резолуција од исклучителна важност за македонскиот народ, е формирана на 2 март 1919 година. Коминтерната се залагала за формирање комунистички партии во секоја држава. Оваа Резолуција на Коминтерната е најзначајното меѓународно признание на македонската национална индивидуалност, што имаше многу поволни последици за нејзиниот развој и афирмација. На 11 јануари 1934 година Политичкиот секретаријат на Извршниот комитет на Коминтерната ја донесе својата конечна и историска одлука за македонската нација, усвојувајќи го тој документ, кој придонесува за меѓународна афирмација на македонскиот национален идентитет.“

„Тоа му даде нова димензија на македонското националноослободително движење, што доведе до целосно етаблирање на македонскиот како литературен стандард, на македонската литература на мајчин јазик и на македонската нација и култура во сите нејзини аспекти. Резолуцијата е документ, кој ја признава реалноста на македонската национална свест и помогна на ефективен начин таа да се афирмира.“ – наведува во завршниот дел на оваа Резолуција за македонското прашање. Таа Резолуција целосно ги обесмислува и жестоко ги побива сите бугарски негирања на постоењето македонски јазик пред 1944/1945 година и сите бугарски фалсификати дека, наводно „тогаш бил измислен и создаден македонскиот јазик“

Бугарскиот филолог Кирил Топалов, како историчар и член во во бугарскиот дел на Заедничката бугарско-македонска историска комисија, во едно свое интервју за бугарскиот медиум БГНЕС во 2021 година изнесе целосни фалсификати за современата македонска историја и создавањето на современата македонска држава. Во обид да „докаже“ дека „Македонците и Бугарите се еден народ со заеднички јазик до 1944 година кога настана Југославија на чело со Тито“, Топалов се осврна токму на бележитата Резолуција на Коминтерната за македонското прашање и рече: „Коминтерната ја создала македонската нација и држава. Георги Димитров му ја продаде Македонија на Тито, Коминтерната ја создаде оваа хипотеза за ’македонска нација и држава’.“ Според овој бугарски квазинаучник и фалсификатор на историските вистини, „Коминтерната работела со полна енергија на создавање на оваа држава на антибугарска основа.“ Но, наспроти фалисификатите на Топалов стојат, покрај другото, и научните записи на неговиот сонародник славистот, филолог и историчар Петар Драганов.

Бидејќи бил Бугарин по националност, бугарската црква (Егзархијата), го повикува Драганов да работи како професор во Солунската машка гимназија, заради ширење бугарска пропаганда меѓу учениците-Македонци, кои учеле во Солун. Драганов доаѓа во Солун и од 1885 до 1887 работи како професор во машката гимназија. Кога дошол во Солун Драганов бил приврзаник на бугарскиот став за Македонците, односно пораснал со лажната бугарска историја, со која бил школуван, дека Македонците се Бугари. Но, за време на предавањата, Драганов почнал да го истражува македонскиот идентитет и барал од своите ученици – Македонци, да му носат и запишуваат песни, раскази, преданија од сите делови на етничка Македонија.

 

После двегодишните обемни етнографски истражувања, кои ќе ги направи во Македонија, Драганов ќе изгради сопствен став за етничкото потекло и културниот идентитет на Македонците. Според него, Македонија е посебна етнографска целина на Балканот и македонските говори (дијалекти) се дел од посебен македонски јазик, а Македонците се посебен народ. Поради ваквите негови ставови, кои биле во директен судир со бугарската пропаганда, Бугарите веднаш го враќаат Драганов дома. Откако ќе се врати назад, Петар Драганов преку бројни написи и предавања ќе ги постави темелите на македонистиката во Русија. Своите согледувања за етнојазичната посебност ги изнесува и во книгата со наслов „Македония и македонците. I: Македонски славянски сборник / Петър Драганов“.

 

Како доследен македонолог и основоположник на македонистиката во Русија, афирматор на македонската национална свест, на македонскиот јазик и литература, на македонскиот фолклор и етнографија и на македонската историја и култура на крајот од 19 и почетокот на 20 век, Драганов им упатил жестока порака-одговор на сите, како што се изразил, „свињари“, кои жестоко го напаѓале. „Мeѓу Македонците има очајни бугаромани и очајни србомани, но има и таканаречени автономисти и автохтонисти, коишто велат дека [Maкeдонците] никако не се дел од големите идеи на Симеон Бугарски и на Душан Српски. Наведувам многу докази дека Србите и особено Бугарите го презираат ова наречје, а мене ме напаѓаат, затоа што не се однесувам со почит и верба кон нивните големи политички идеи и дека како да препорачувам некаква посебна македонска литература… Тие свињари не знаат дека литературата токму на македонското наречје, колку и да е мала, во секој случај е факт и не ја измислив јас. Па зарем јас го отпечатив зборникот на Миладиновци (не е важно што Хрватите во Загреб го нарекоа ‘блгарски’, со глупавото и неумесно Ѫ), зарем јас ги измислив јазикот и тенденциите на Пулевски, Шапкарев, А. Ресенецот, Партеније Дебарски?“

Како одговор на нападите и дека „недоволно бугарофилствувал“ и оти „го продал бугарското дело“, Драганов возвратил и со ставот дека тој „многу го сака тоа македонско наречје“, нагласувајќи: „Некои Македонци-србомани на чело со М. Веселиновиќ ме клеветеа во печатот дека, наводно, во Солун сум ги преправал на бугарски начин примерите од српската народна поезија, што ми биле доставувани … Некои бугарски автори со егзархиските пропагандисти во Македонија констатираа дека јас, како чист Бугарин по потекло, малку, или недоволно бугарофилствувам… некои дури и заклучија дека лошо се однесувам како Бугарин и оти сум го продал бугарското дело. Голем дел од тоа што јас веќе го имам отпечатено за македонското наречје… и што уште имам намера да отпечатам за тој предмет, јасно покажува дека многу го сакам тоа наречје, му пожелувам, спротивно на српските и на бугарските желби, долготрајност и литературен развој.“