Македонските верници секоја година имаат дилема дали Христовото раѓање се нарекува правилно Божиќ или Божик.
Професорката Елка Јачева Улчар пред Бадник ги решава дилемите:
БОЖИК ИЛИ БОЖИЌ?
Во предвечерјето на божиќните празници, кога очекувам масовно да се поставува прашањето која форма е помакедонска Божиќ или Божик, и оваа година ќе го објавам истото она што го објавив и минатата година, само оваа година дозбогатено со информација на кои делови од Македонија во нејзините етнички, а не државни рамки – се користи Божик, Божиќ или Крачун, в. сл. 3.
(Списокот е направен врз основа на материјалот од Дијалектолошката картотека на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје).*
Речиси секоја година се поставува истото прашање, а имeно: Што е правилно Божик или Божиќ?
Еве го накусо мојот коментар.
Според македонскиот правопис и двете форми се можни, т.е. не ѝ се дава предност на формата Божик во однос на Божиќ.
На пошироката македонска територија почесто се среќава Божик, отколку Божиќ.
Според моето мислење, примарна била формата Бож-ик, во која суфиксот -ик служи да ја поименчи придавката од некоја синтагма, на пр. Божји ден или Божји човек – Божик; нервозен човек – нервчик итн.
Според Обратниот речник на македонскиот јазик избројав десетина именки на завршок -ик.
Понатаму , к-то од -ик под влијание на самогласката И преминува во Ќ, т.е. к-то е омекнато во ќ. Оваа појава е забележана кај топонимите Глишиќ (Гливосик стсл. Глибосек) во Тиквешијата и Зовиќ (Зовик < стсл. Б'зовик) во Мариво, а за ваквото палатализирање што го прави И кога му претходи на крајното К пишува и Б. Конески во својата ,,Историја на македонскиот јазик" (1986).
Според мене, значи, ова -иќ во Божиќ не ќе да е од српскиот деминутивен суфикс -иќ, како што најчесто се мисли во нашата средина, туку -иќ е варијанта на -ик. За да ја потврдам мојава претпоставка, ми треба уште еден екстралингвистички податок за да донесам конечен суд во врска со именувањето на овој голем христијански празник.
Дотогаш да уживаме во него со љубов, без расправии како го пишуваме, зашто, како што реков во почетокот, - нашиот правопис ги дозволил колку Божиќ толку и Божик!
* Во одделни пунктови Божик/Божиќ се јавува и во разновидностите: Божик’, Бужиќ, Бужик, Божич. Бужик’ и Божек. За одбележување е дека во зависност од наречјето акцентот паѓа на пенултимата, односно на вториот крај од слогот во македонското западно наречје, и на ултимата, односно на првиот слог од крајот во југоисточното македонско наречје. Редукцијата на вокалот о во у е најзиразена во Гевгелиско и Дојранско, а изнанедувачки - не и во Воденско.
Зачудувачки е што две и повеќе соседни села различно користат Божик, односно Божиќ, пишува професорката од Институтот за македонски јазик Елка Јачева Улчар.







