Клуж ќе биде домаќин на возвратниот натпревар меѓу машките ракометни репрезентации на Македонија и на Романија во баражот за Светското првенство 2019, објавија романските медиуми.
Натпреварот, кој треба да се одигра меѓу 12 и 14 јуни, ќе се игра во помалата спортска сала во градот на барање на романскиот селектор Хавиер Пасквал-Фуертес. Шпанецот се решил за салата „Хорја Демјан“ сo 2.525 места за седење наместо за многу поголемата „Поливалента“ со капацитет од 9.300 поради поголемата близина на трибините до теренот, со цел да се создаде поголема бучава и притисок врз противникот.
Градоначалникот на Клуж, Емил Бок, ветил полни трибини и максимална поддршка за националниот тим, кој за баражот се избори како победник на квалификациската група со Италија, Украина и Фарски Острови.
Првата средба треба да се одигра меѓу 8 и 10 јуни во Македонија. Вкупниот победник од двомечот ќе се пласира на мундијалот што ќе се одржи од 9 до 27 јануари 2019 година во Данска и во Германија.




