„Западниот Балкан веројатно ќе се соочи со зголемена опасност од локализирано меѓуетничко насилство во текот на 2024 година. Националистичките лидери веројатно ќе ја влошат тензијата, за да остварат нивна политичка предност. Надворешните актери ќе ги засилат и ќе ги искористат етничките разлики, за да го зголемат и да го заштитат нивното регионално влијание, или да ја спречат поголемата балканска интеграција во ЕУ, или во евроатлантските институции.“ – се наведува во најновиот декласификуван извештај под наслов „Годишна проценка на заканите“, кој го изготви Разузнавачката заедница на САД.
Американските разузнавачи посебно предупредуваат: „Можниот меѓудржавен судир во Западниот Балкан во 2024 година може да има пошироки каскадни, прелевачки безбедносни, економски и хуманитарни последици на регионално рамниште и за соседните земји.“
Јанев: „Во Македонија 18 генерации не знаат ни за ‘О’ од одбрана на системот!“
Разузнавачкиот аларм за Балканот, кој доаѓа од САД, го актуелизира прашањето: Колку е Македонија (не)подготвена во случај на веројатен оружен судир во Балканот, кој би можел да се прелее и на нејзината територија?!
„Ако немате изградено капацитети како утре дека ќе има војна, може да се најдете во многу незавидна ситуација. Македонија не е надвор од сите тие збиднувања. Балканот е сериозно жариште за поткусурување.“ – вели полковникот д-р Методи Хаџи-Јанев, кој е вонреден професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“”во Скопје, во интервјуто објавено на 17 ноември 2023 година под наслов „По Украина и Блискиот Исток, Балканот е сериозно жариште за поткусурување – Македонија не е надвор од збиднувањата “ во порталот „Локално“. Во ова интервју професорот Хаџи-Јанев се осврна на безбедносната состојба во Македонија и дали таа може да „спие мирно“ со оглед на геополитичкиот контекст.
Во тој контекст, истакнува Хаџи-Јанев, „за среќа за сега евроатлантската агенда е силна“. „Но, внатрешните проблеми, корупцијата, лошото лидерство, лошата приказна со демографијата и сл. се фактори, или променливи, кои негативно може да се одразат на таа сигурност и преку ноќ претпоставките за стабилност да исчезнат. Тоа упатува на поголема будност.“ – предупредува тој.
За вооружувањето на Македонија со современа опрема Хаџи-Јанев истакнува дека може да се располага и со најсофистицирано оружје, но ако не се располага и со вистинските луѓе, тоа може да биде залудно. „Во Македонија 18 години немало регрутен состав од масовен карактер. Тоа значи дека имате 18 генерации, кои не знаат ни за ‘О’ од одбрана на системот!“ – нагласува овој воено-безбедносен експерт.
Курти: „Подготвени сме да одговориме, не се плашиме!“
Алармот на американските разузнавачи за Балканот косовскиот премиер Албин Курти го дочека со остра порака до Белград дека „Косово не се плаши и е подготвено да одговори со се што има“! „Агресивната Србија не прави да бидеме претпазливи. Но, ние не сме воопшто исплашени. Белград, поврзан со Москва, предизвикува конфликт, но ние сме максимално подготвени за ова со се што имаме и со се што знаеме!“ – изјави Курти денес, на 12 февруари 2024 година, за време на отворањето на Тренинг-центарот за кибернетска безбедност во Приштина. Ова го објави Радио Слободна Европа на албански јазик во својата анализа со наслов „Агресивната Србија не прави да бидеме претпазливи.“.
Претходно, во јануари годинава косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци веќе имаше кажано дека Косово ќе биде подготвено да му одговори на секој, што го загрозува неговиот суверенитет. Оваа изјава на Маќедонци уследи откако американскиот Стејт департмент истиот месец јануари одобри можна продажба на 246 ракети „џавелин“ на Косово.
Дали забрзаното вооружување на Косово ќе ја зголеми веројатноста да избувне судир во Балканот?
„Никогаш поголем буџет за Косовските безбедносни сили (КСС), забрзана набавка на оклопни возила, беспилотни летала, турски противтенковски системи ‘Омташ’… и сега одобрување на САД за купување Џавелин.“ – истакнува косовскиот информативен портал „Косово онлајн“ во својата анализа од 12 јануари годинава под наслов „Американските ракети пристигаат во Приштина, се забрзува процесот на создавање на Војската на Косово, има ли причина за загриженост?“
Натаму, „Косово онлајн“ пишува: Членката на американскиот Конгрес Клаудија Тени, која претседава со српскиот кокус, рече дека договорот на Стејт департментот за испраќање „Џавелин“-проектили во Косово е „неверојатно запалив“, „особено кога тензиите во Западниот Балкан се зголемија, што укажува дека одлуката само долева масло на огнот и ја зголемува веројатноста за нов конфликт“. Од американскиот Стејт департмент наведоа дека „продажбата на противтенковски ракети ‘Џавелин’ на Косово ги поддржува целите на американската надворешна политика и националната безбедност, преку подобрување на безбедноста на Косово, без промена на основната воена рамнотежа во регионот“.
Петер Бајстрон, претседателот на Комисијата за надворешна политика на парламентарната група на германската партија Алтернатива за Германија (АФД), за Косово онлајн посочува дека одлуката на Соединетите Американски Држави да му продадат на Косово противтенковски ракети „Јавелин“ претставува ново рамниште на влошување на ситуацијата. „Зошто Американците испорачуваат толку тешко оружје на Косово? Тоа е кризен регион. Ова е дополнителен чекор кон ескалација.” – изјави Бајстрон.
Предраг Петровиќ од белградскиот Центар за безбедносна политика изјави дека со одлуката да го одобри барањето на Приштина за купување противтенковски ракети „Џавелин“ Вашингтон испраќа порака до Белград да не се обидува воено да интервенира, особено на северот на Косово. „Армијата на Косово веќе се снабдила со дронови Бајрактар од Турција и со овој пакет на опрема ќе има застрашувачка сила, која е насочена кон Србија и можното, како што велат, враќање на српската војска на Косово и обидот за анексија на дел од Косово.“ – заклучува Петровиќ во изјавата за „Косово онлајн“.
„Србите живеат за денот кога српското знаме повторно ќе се развее ширум Косово“!
Но, на напорите на официјална Приштина да ја засили својата воена моќ соодветно се позиционира и Србија. „Безбедносната ситуација во Косово и Метохија не била никогаш поопасна. Дејствувањето на властите во Приштина и натаму е најголема безбедносна закана за Србија и за нашите граѓани во покраината. Иако приштинските безбедносни структури не претставуваат позначаен предизвик за Војската на Србија, нивното постојано опремување со современо вооружување и обуките, низ кои минуваат припадниците на тие формации, укажуваат дека таа закана ќе биде присутна во наредниот период.“ – нагласува генерал-мајорот Зоран Стојковиќ, директор на Воено-разузнавачката агенција на Србија, во интервјуто, што го даде за новиот мартовски број на списанието „Одбрана“ на Министерството за одбрана на Србија.
„Во Косово и Метохија се случува најсериозна ескалација на безбедносната ситуација од погромот врз српското население од 2004 година. Секој ден на српското население му е се потешко, бидејќи основната стратегија на Приштина е постојано кревање на тензиите и создавање услови за етнички чисто Косово и Метохија. Србија нема да го дозволи тоа. Албанскиот чинител е се поагресивен. Во нашата служба нема место за луѓе, кои не ги носат Косово и Метохија во своите срца и кои не живеат за денот кога српското трибојно знаме ќе се развее повторно ширум јужната српска покраина.“ – заклучува генерал-мајорот Стојковиќ во споменатото интервју.
Дел на овој усложнет политички и воено-безбедносен колаж е и предупредувањето на албанскиот премиер Еди Рама. „Секој напад врз Косово ќе биде напад врз Албанија.“ – кажа Рама, откако беше запрашан во интервјуто дадено на 14 февруари годинава за АТВ како ќе реагира Албанија, ако биде нападнато Косово. Ова го пренесе информативниот портал на албански јазик „Телеграфи“. Рама посочи дека Албанија како матична држава ќе застане без никакво сомневање во одбрана на Косово, ако се исцрпат дипломатските можности и ако потоа започне да се користи оружјето.
Подготвил: Свето Тоевски





