Разрешен медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија

Министерот за здравство Илир Демири го потпишал решението со кое се разрешува медицинскиот директор на Клиниката за Токсикологија, доктор Данил Петровски. Решението денес пристигнало во правните служби на Клиниката.



Од министерството за здравство само кусо соопштија дека тој е разрешен поради „неправилности во работата“ без да се прецизираат за што точно станува збор, и кои членови од Законот тој ги прекршил.

Директорот Петровски потврди дека е информиран од правната служба за неговото разрешување но не сакаше да даде изјава. Вели дека ќе го чека образложението на решението пред да даде било каков коментар. Не ја исклучува можноста да е разрешен бидејќи дежурал на Клиниката во период кога е на одмор а тоа го сторил исклучиво поради недостиг на кадар.

Од министерството нема најава дека ќе се повика на одговорност организациониот директор Бесија Иљази или дали се истражуваат наводите за лошо менаџирање со финансиите на Клиниката.