Со инспиративен говор, Костовски се профилираше како кандидат на Левица за општина Аеродром
Огромни овации од присутните предизвикало синоќешното обраќањето на Горан Костовски Чиз на 28-та сесија на Централниот комитет на политичката партија Левица, објавува Радио Лидер.
– Со жесток, остроумен, инспиративен и идеолошки јасен говор другарот Горан Костовски Чиз на сесијата на ЦК го предизвика најгромогласниот аплауз вечерта. Без воопшто да спомне дека има амбиција да го води Аеродром, на сите ни стана јасно дека тој би бил најдобриот избор за оваа општина. Со неговата скромност и аскетска посветеност на каузата тој претставува инспирација за сите. – вели за Лидер анонимен член на ЦК на Левица.
По седницата, од Левица истакнале дека на локалните избори влегуваат во конечна пресметка со, како што велат, десничарскиот режим.
– Централниот комитет усвои политичка рамка за дејствување во наредниот период, со фокус на есенските Локални избори, како фронт за жестока пресметка со режимскиот апарат. Во услови на постојана репресија, изборен инженеринг и клиентелистички октопод кој го гуши секој обид за народна еманципација – Левица ќе настапи бескомпромисно, чесно и организирано, како глас на обесправените и бастион на некорумпираноста. – стои во соопштението на партијата.
На истата сесија, пратеникот Саше Јанчев бил верификуван за член на президиумот на партијата, но како што велат присутните, неговиот избор паднал во сенка на харизматичниот говор на Костовски, пишува Лидер.
Претходно, Радио Лидер објави дека токму Горан Костовски би требало да биде кандидат на Левица за градоначалник на Општина Аеродром.
Тогаш, извор на Радио Лидер брифирал дека Костовски е фаворит во бастионот на Левица, како млад и креативен човек, широко присутен на социјалните мрежи, но и во медиумите.





