Испораките на оружје за Украина ќе доведат до уште поголемо уништување, предупреди претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Според него многу европски лидери грешат кога мислат дека испраќањето дополнително оружје и демонстрацијата на сила ќе донесе мир во Украина.
„Јасно е дека тоа нема да се случи и дека ќе доведе до повеќе уништувања, повеќе жртви, оддалечување од мирот и губење на уште поголема територија за Украина“, рече тој за време на говорот на форумот во рамките на процесот Акаба во Софија, јави државната новинска агенција БТА.
Радев предупреди дека регионалните конфликти можат брзо да се пренесат во глобални и додаде:
„Балканот е особено чувствителен кога станува збор за безбедноста бидејќи директно ги трпи последиците од воените конфликти во околината, конфликти кои поттикнуваат нелегална трговија со луѓе, миграција, радикализација и тероризам“.
Тој исто така нагласи дека меѓународната заедница „мора да ја напушти илузијата“ дека мирот и безбедноста може да се обезбедат за некои земји или региони на сметка на други.






