Експертот за безбедносни прашања и Блискиот Исток Раби Седрак кој подолго време живее во Скопје смета дека светот се наоѓа пред златна шанса за крај на конфликтот а САД, Израел и Иран пред можност да го ,,спасат образот” и сите да бидат победници.
Израел и САД сега ја спуштат топката и сакаат да ја завршат војната, прашањето е, дали Иран ќе прифати или не, прашува Седрак кој е дел од Институтот за стратешки и безбедносни политики.
Неговата последна анализа во продолжение:
Сега сме само на еден чекор од една невидена глобална економска криза, и ова зависи само од одлуката на Иран дали ќе ги спроведе своите закани и ќе го затвори Ормутскиот теснец или ќе ги нападне американските бази, како што вели?
Иранскиот парламент едногласно одобри нацрт-резолуција за затворање на Ормутскиот теснец и дека оваа одлука сега е во рацете на Иранскиот совет за безбедност. Или ќе го одобрат и ќе стапи на сила, а работите ќе станат уште покомплицирани и економијата ќе влезе во глобална криза, или ќе го отфрлат или ќе го одложат прашањето, а потоа ќе изберат друга опција.
Што други опции имаат?
Во изминатите денови, веднаш откако се појави вестите на Иранскиот парламент, меѓународни извори од бродарството забележаа како некои танкери за нафта се вртат и се враќаат назад. Бродските и нафтените компании веќе им дадоа инструкции на своите бродови привремено да избегнуваат поминување низ теснецот додека не видиме како ќе се реши ситуацијата.
Но, од друга страна, САД и Израел дадоа изјави што укажуваат само една работа: дека тие во моментов се обидуваат колку што можат да ја де-ескалираат ситуацијата и да се обидат да ја спуштат топката за Иран да не го затвори теснецот.
Хебрејскиот весник Једиот Ахронот, буквално пишува дека Израел е подготвен да ја заврши војната до крајот на оваа недела. Исто така се наведува дека израелската влада веднаш ќе прифати било какво примирје доколку иницијативата дојде од Техеран.
Секако, ова изгледа како чекор кон мир, но всушност, произлегува од длабоките стравови во Тел Авив, од реакциите на Техеран, доколку Иран одлучи, место да ги напаѓа Американските бази во регионот да го бомбардира пак Израел.
Во смисла САД да го бомбардира Иран, а Иран како одговор да го бомбардира Израел за да избегне отворен конфликт со Американците.
Израелската влада, сега го постигна она што го сака во оваа војна. Прво, да ја наруши иранската нуклеарна програма, второ да прикаже лажна слика за победа што ја продава Нетанјаху на Израелскиот народ, со цел да ги избегне проблемите и судските постапки што го чекаат кога ќе заврши војната. Така да, на Израел воопшто не му одговара состојбата дополнително да ескалира, барем не засега.
Зошто велам дека е лажна победа? Нели Израелците всушност ги нападнаа нуклеарните постројки на Иран?
Да, ги нападнаа. Но, поентата е дека Иран всушност имал информации за времето на нападот. Некои анализи дури велат дека САД го информирал Иран однапред за времето на нападот. Затоа го преместиле целиот збогатен нуклеарен материјал од своите реактори и нуклеарни постројки пред неколку дена.
Во моментов, целиот овој материјал е сè уште таму и безбеден. Сè што беше оштетено беше опремата што го врши процесот на нуклеарно збогатување на ураниум, а Иран веќе ги има способноста и знаењето за повторно да го произведува дома. Тоа значи, за Иран, проблемот не е толку страшен и пак можат да го започнат процесот, можеби неколку години подоцна. (Во случаи ако сакат навистина да имаат нуклеарна бомба).
Но, што ќе биде сега ако навистина не сакат веќе нуклеарна бомба и сакаат само да преговараат за да излезат од сегашната криза?
Искрено мислам дека Иран во моментов е во една идеална позиција да де-ескалира и да преговара од позиција на моќ. Зошто од позиција на моќ? Нели спомнав дека можно САД да ги информирал за времето на нападот пред тој да се случи?
Тезата е дека Трамп сакаше да постигне брза победа и да покаже дека ги исполнил барањата на ционистичкото лоби во AIPAC (кое веќе некое време вршеше притисок врз него да го поддржи Израел во неговата војна против Иран и да го спречи да создаде нуклеарно оружје), а во исто време да проектира внатрешна слика кај својот народ и поддржувачи дека е силен и способен да го уништи нуклеарното оружје на Иран без да ја вовлече Америка во целосна војна.
Откако Трамп донесе одлука да ги бомбардира иранските нуклеарни постројки, тој сигурно однапред знаеше дека Иран нема да ескалира, ни со напади врз американски бази ни да направи нешто што би го принудило Вашингтон да влезе во војна или копнена инвазија со него.
Затоа, ова автоматски ме носи до заклучок дека Американскиот напад не е ништо повеќе од некоја алатка (да не кажам краток филм) за постигнување на некоја лажна победа што ќе се извезе во светот, а во исто време да се зачуваат правата/достоинството на Иран со тоа што го немаат изгубено нивен збогатен нуклеарен материјал и ќе може да влезе во преговори со нив од позиција на рамноправност. (го има ураниумот, ја има науката и се е можно во иднина).
Ова ги потврдува изјавите на Марко Рубио кога рече: Ние не бараме да влеземе во војна со Иран“ и дека САД се подготвени да ги продолжат нуклеарните преговори со Иран почнувајќи од утре. Исто и други изјави кои велат дека САД не бара промена на режимот. Овие изјави ја поддржуваат информациите дека САД го информираше Иран за своите намери пред нападот.
И сега, имаме една златна шанса сите три страни да ја запрат војната, и да биде win-win-win за сите три како победници, и да избегнеме непотребни конфронтации, што можат да го уништат светот.
ИЗРАЕЛ, го доби што го бараше, напаѓајќи ги нуклеарните постројки на Иран, правејќи ги нефункционални и нарушувајќи ја иранската нуклеарна програма со години. Нетанјаху да изгледа како национален херој, кој успеал да ја елиминира иранската закана (последна од 4 што ги спомнав во другите постови). Сега е во негов интерес да ја де-ескалира ситуацијата, да не паѓаат ракети веќе во Тел Авив што му прават штета од милијарди долари секој ден.
САД, го доби што го бараше, кога Трамп ја спроведе својата закана и ги нападна иранските објекти, го исполни своето ветување кон ционистичкото лоби и ја исполни својата обврска кон Израел. Во исто време, тој се претстави себеси како победник пред својот народ и својата партија, добивајќи огромна изборна популарност. Сега не е во негов интерес да ескалира, бидејќи ако ја вовлече САД во војна, ќе ги пречекори авторитетите на Конгресот, што потенцијално ќе доведе до негов импичмент и ќе го уништи неговиот мандат како претседател.
ИРАН, исто го доби што го бараше, кога ги спаси своите нуклеарни материјали и ги префрли на други безбедни локации. Во исто време, изгледа како победник пред својот народ и некако пред муслиманскиот свет, кога го бомбардираше Израел, што е нешто што никој во светот не го очекуваше, наметнувајќи ја својата моќ и демонстрирајќи ја сериозноста на својот одговор пред целиот свет. Исто време, цел Иранскиот народ сега се обедини со иранскиот режим и стана посилен од порано. Сега е во негов интерес да ја де-ескалира ситуацијата, бидејќи знае дека нема капацитет да војува против САД, Израел и НАТО ако го затвори Ормутскиот теснец.
Но има сега еден голем проблем…за Иран, една работа што не е решена за нив!
Како да си го спасат образот и да излезат од оваа тешка ситуација на добар начин што доликува на една суверена држава? Единствено е да му се дозволи на Иран да го удри Израел силно два или три пати, за да го има Иран последниот удар или збор. И одма потоа може да седне на преговарачката маса и да потпише нов нуклеарен договор.
Поентата е дека Иран сега не е веќе сам. Русија, Кина и Пакистан, неодамна поднесоа заедничка нацрт-резолуција до Советот за безбедност за да повикаат на итен прекин на огнот. Ова е една форма на дипломатска поддршка што се обидува да ја извлече земјата од оваа тешка ситуација на некаков чесен начин.
Јас мислам дека сега е идеално време да се запре војната без поголеми загуби за сите три страни. Нормално ако тие навистина сакаат да ја запрат и немаат намера да ја ескалираат, и ако стварно бараат добар стратешки излез.
Сепак треба да земаме во предвид дека сите сегашни лидери на овој свет се во некоја ГЕРИЈАТРИСКА ФАЗА, многу се стари, некои се болни и знаат дека нема уште многу да живеат и можно да сакат светот да ги памти за секогаш па да направат некоја огромна ескалација и да не отераат сите во пеколот. Се е можно, ќе видиме до утре…






