Пуста македонска реалност: Секој граѓанин должи по околу 2.000 евра в банка

Најголем дел од граѓаните живеат купи ден продај, односно „Живот на кредит“. Според податоците кои ги објави Народната банка, домаќинствата најмногу се задолжуваат со потрошувачки кредит, картички и минусни салда на сметките, објави Сител. Високата инфлација и неможноста да го поминат месецот само со плата, ги натера граѓаните да бараат кредит плус. Кредитирањето бележи пораст од 6,9% годишно, или 0,3 отсто е порастот само во јануари.



Во моментов граѓаните кон банките должат 3,6 милијарди евра. Ова значи  дека секој жител во државата во просек должи по 2,000 евра. Најголем дел – 1,9 милијарди евра се потрошувачки кредити. За минусни салда и кредитни картички – долгот кон банките изнесува 267 милиони евра. Високите цени за метар квадратен, заедно со зголемените камати и заострените критериуми на банките, ја намалија побарувачката за станбените кредити. Месечниот пораст е само 0,3% , во споредба со бројките од пред 2 години, кога месечно растот надминуваше по 11%. 

Домаќинставата за станбени кредити должат 1,4 милијарди евра. Кредит за нов автомобил ретко кој зема.  По овој основ граѓаните должат 6,5 милиони евра. И додека кредитите растат, заштедите се топат. Граѓаните и фирмите во банките чуваат 8,7 милијарди евра. Од нив 5,7 милијарди се пари на граѓаните, а останатите  2,6 милијарди евра отпаѓаат на заштеди на компаниите.