Вчера Бугарија и Македонија ја потврдија својата посветеност да продолжат со изградбата на железничкиот коридор 8 според регулативата TEN-T.
Ова е исходот од средбата на високо ниво меѓу Бисер Минчев, бугарски заменик министер за транспорт и врски, Стефан Волкановски, државен секретар во Министерството за транспорт на Македонија, Синиша Ивановски, директор за железничка инфраструктура во Македонија, Европската Комисијата, финансиските институции ЕИБ и ЕБОР и Секретаријатот на Европската Транспортна заедница.
Двете земји се согласиле да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот 8.
Дополнително, соодветните министерства ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот. Македонија и Бугарија, исто така, ја поздравуваат поддршката на Координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на Коридорот 8.
Коридорот 8 е критична железничка врска за целиот регион и ЕУ. Ќе донесе побрзо патување за стоки и патници, зголемување на мобилноста, пристап на пазарот и конкурентност на Западен Балкан. Комисијата ја поздравува повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Македонија на Коридорот 8, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка од суштинско значење за иднината на двете земји, се вели во информацијата од Брисел.
Источниот дел од Коридорот VIII ги поврзува Македонија и Бугарија и е дел од Западен Балкан – европскиот коридор на Источен Медитеран и главен проект на Глобалната порта на ЕУ.
Со финансиска помош од ЕУ за подготовка на проекти и инвестициско кофинансирање според Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, Македонија и Албанија ги надградуваат постојните линии и ги градат алките што недостасуваат долж Коридорот.

Речиси една третина или 240 милиони евра од трошокот за овој проект ќе биде бесповратен грант од ЕУ, 540 милиони поволен кредит од европски финаниски институции и 13 милиони евра инвестиција од македонската страна.






