На сугестијата од премиерот Христијан Мицкоски да си даде оставка поради бојкотот на седницата за Законот за употреба на јазиците, уставниот судија Осман Кадриу одговори негативно.
„Политичка изјава нема да коментирам. Оставка не поднесувам“, изјави за весникот „Слободен печат“ еден од двајцата судии Албанци, покрај Насер Ајдари, кои не присуствуваа на седницата на Уставниот суд минатата недела на која почна расправата за уставноста на законот со кој албанскиот јазик стана службен на целата територија на државата.
Во интервју за ТВ 21 синоќа Мицкоски го прозва Кадриу и рече дека не му е местото во Уставниот суд и поради неговата изјава дека „одложувањето на одлуката за законот е во корист на каузата на албанските судии и на Албанците воопшто“.
Мандатот на уставните судии е девет години, без право на реизбор, а Кадриу беше избран со одлука на Собранието на 11 јануари 2018 година.
„На судија на Уставниот суд функцијата му престанува ако поднесе оставка. Судијата на Уставниот суд ќе биде разрешен од должноста ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Уставниот суд“, вели Уставот.






