Продолжуваат протестите на вработените во јавната администрација

Секој обид на Владата или на политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе им биде залуден. Ова денеска го изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, на вториот ден од протестот на вработените во шест министерства и две институции кои бараат зголемување, односно додаток на нивните плати од 30 проценти. Деаноски кажа и дека дел од вработените имале притисоци да не излезат на протестите, но не сакаше да открие за кои министерства станува збор.



  • Секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека во протестите или во работата на синдикатот ќе им биде залуден. Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејки имаа 7 години да го решат овој проблем, но наместо да го решат направија се што можат да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада која поништила колективен договор, вели Деаноски, претседател на УПОЗ.

Одговарајќи на новинарско прашање, Деаноски потврди дека прашањето за платите на вработените во органите на државната управа биле тема и на Економско-социјалниот совет, но на ниту еден состанок не добиле прецизен одговор дали, кога и како ќе го добијат покачувањето на платите што го бараат.

Потсетувајки дека со истото барање минатата година протестирале 20 дена, вработените од министерството за култура посочија дека нивните плати останале под просечната во земјава, додека дел од нивните колеги во државните институции го добиле почакувањето од 30%.

  • Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од останатите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи, вели Бранко Костовски – претседател на синдикална организација на Министерство за култура и туризам.

Од Владата неколкупати изразија загриженост за политички мотив и побараа проблемот да се реши со дијалог. Од синдикатот пак велат дека имале дијалог со министрите, кои самите увиделе дека платите на вработените во администрацијата се ниски, а кадарот дефицитарен, по што биле изготвени нови колективни договори, но биле одбиени од Министерството за финансии.