Продолжуваат заканите од Бугарија кон Вајц – известителот во ЕП за Македонија

Одложувањето на гласањето во Европскиот парламент за извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за реформскиот напредок на Македонија во процесот на евроинтеграциите, повторно ги стави во погон познатите „алтернативни“ бугарски методи на политичко дејствување, но овојпат на европска сцена. Досега тие комбинирани методи на притисок и закани, бугарската политика ги користеше „билатерално“ во односите со Македонија, манипулирајќи со привилегиите од членството во ЕУ, но сега веќе на ист начин тргна и против известувачот на ЕП за Македонија, Вајц.



Покрај тоа што, седумнаесетте бугарски европратеници испратиле „протестно“ писмо до Европскиот парламент, против извештајот на Вајц во кој се афирмира посебноста на македонскиот национален идентитет и на македонскиот јазик, бугарското политичко подземје, на социјалните мрежи го објави телефонскиот број на австрискиот европратеник – известувач за Македонија. Па така, по одложувањето на гласањето за извештајот за Македонија, Вајц беше мета за закани на бугарските „активисти“ на социјалните мрежи, задолжени за „македонските работи“. Всушност повикот да му се пишуваат пораки на Вајц е од бугарската фондација „Македонија“ (која беше инволвирана во контроверзните случаи со отворање бугарски културни клубови во Македонија и во пописот во Албанија во регионот каде што живеат Македонци), која го објави и телефонскиот број на известувачот од Европскиот парламент.

Во една од пораките, бугарските ботови на англиски му пишуваат на Томас Вајц за „да не го судат за корупција во Белгија, да им служи на корумприраниот северномакедонски премиер Мицкоски и неговите платени агенти-провокатори од ОМО Илинден“. Според заканувачот, наводно Мицкоски признал дека сам го пишувал извештајот и дека белгиската полиција отворила истрага.

Од фондацијата „Македонија“ пак пишуваат отворено во пораките дека „Македонците ќе влезат во ЕУ само како Бугари“, а дека „Веќе се зборува за Вајцгејт и белгиската полиција ќе има многу работа“.

Прочитајте ги пораките тука.