Продолжува хаосот на Токсикологија- 18 хонорарци добија плата без валиден договор

Иако имаат невалиден договор за вработување осумнаесетте медицински сестри и болничари на Клиниката за токсикологија добија плата, информираат вработени во клиниката преку писмо. Платата за периодот од 15 април до 15 мај ја добиле само со потпис само на организациската директорка Бесија Иљази.



„Извршена е исплата на сите 18 лица за периодот 15 април – 15 мај 2024 година, иако во истиот период немаа валиден договор со Клиниката и не исполнуваа ниту една од своите работни задачи, а дел од нив се уште користат „годишни одмори“ иако користењето на платен годишен одмор е неспоиво со договор на дело. Иако во горенаведениот период на Клиниката се уште имаше медицински директор, исплатата е извршена без негов потпис и одобрение“, се наведува во писмото.

Освен исплатените плати, спорно е и што овие вработени на распоредите за дежурства биле ставени да работат само во дневните смени, но не и во ноќните часови, празници и во викенди кога на клиниката имало најмногу работа.

„На распоредот за дежурства на медицински сестри, сите медицински сестри со договор на дело се ставени со работни задачи само во дневните смени, што е еклатантен доказ дека реално нема никаква потреба од истите, бидејќи работниот процес 24/7 се одвива и без нивното присуство. Со дезорганизацијата која ја направи организационата директорка половина месец, Клиниката ќе биде без болничар во ноќните часови, кога фреквенцијата е најголема“, пишуваат вработените.