Во Основниот кривичен суд денеска во 10 часот треба да продолжи судењето за убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и за велешанецот Панче Жежовски.
Досега се одржаа четири рочишта.
На првото рочиште обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска го презентираше обвинението, според кое обвинетите го грабнале Панче Жежовски на 22 ноември (среда) од неговиот дом во Велес и го убиле со пиштол во месноста Рудник, за да му го земат автомобилот цитроен.
Возилото им било потребно за да ја киднапираат Вања, со цел да изнудат пари за неа од семејството.
Вања ја киднапирале на 27 ноември (понеделник) наутро во влезот на нејзината зграда во Скопје и наместо да бараат откуп од семејството, ја убиле после неколку часа, во месноста Бразда. Девојчето било изложено на силно страдање, а животот ѝ завршил на брутален начин, со истрел во главата, додека рацете и нозете ѝ биле врзани.
На минатите рочишта сведоча мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, потоа ќерката на Панче, Ана Киркова и нејзиниот сопруг Тодор, како и повеќе лица вклучени во истрагата.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.






