Провокација на Мехази: Македонците да користат албански јазик во „албанско Тетово“, а Албанците македонски во „македонските градови“!

„Албанскиот јазик ќе биде официјален и еднаков со македонскиот јазик кога за 20-те проценти Македонци во Тетово ќе важи двојазичноста, односно да користат и албански и македонски јазик, а Албанците ќе користат само албански јазик. Истото да биде и во македонските градови: таму Албанците да користат и македонски и албански јазик, а Македонците само македонски јазик.“ – со ваква провокација се огласува политичкиот аналитичар од Тетово Сулејман Мехази во својата колумна, некоректно иронизирајќи и со ставот на премиерот Христијан Мицкоски  дека „нема да се дозволи јазична анархија“. Своите провокативни ставови Мехази ги изнесува во својата колумна со наслов „Како може да биде официјален во Македонија 20-процентниот албански јазик?!“, која ја објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“. Особено е проблематична поделбата на градовите во Македонија, која Мехази ја прави врз етничка основа: очигледно тој го смета Тетово како „албански град со албанско етничко мнозинство, во кој живее македонско малцинство“, штом говори за „Албанците како малцинство во македонските градови“.



Мехази пишува: Како може да биде албанскиот јазик официјален кога нема уставна круна, туку е во групата на закони за малцинстава. Искрено ги прашуваме граѓаните: дали е официјален албанскиот јазик во * Македонија, или не?

Се согласувам со премиерот Мицкоски, кој кажа: „Нема да дозволиме јазична анархија. Во албанските училишта да се користи двојазичност, додека во македонските училишта само македонскиот јазик.“

Значи, албанскиот ќе биде официјален и еднаков со македонскиот кога 20-те проценти Македонци во училиштата во Тетово ќе пишуваат на два јазика, албански и македонски, додека наставниците-Албанци ќе пишуваат само на албански. Исто ќе биде и во македонските градови каде што 20-те проценти наставници-Албанци ќе користат двојазичност, македонски-албански, додека наставниците-Македонци ќе користат само македонски јазик.