СВР Тетово поднесе кривична пријава против седуммина вработени во Центарот за социјални работи во Тетово, поради постоење сомнеж дека извршиле злоупотреба на службената положба, несовесно работење и фалсификување документи, со што овозможиле незаконска исплата од 289.495 денари, соопшти полицијата.
Поднесени се кривични пријави против И.Е.(42) од с.Пршовце, тетовско, вработен во Центарот за социјални работи Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против А.Х.(45), Б.И.(45), Т.С.(62), Д.О.(59), сите од Тетово и Б.А.(46) од с.Боговиње, тетовско, сите вработени во Центарот за социјални работи Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење на служба“ и против уште едно лице поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „посебни случаи на фалсификување исправи“.
На 17.07.2022, првопријавениот изготвил записник, со што овозможил незаконска ретроактивна исплата во износ од 289.495 денари на сметка на едно лице од Тетово. Второпријавениот пропуштил должен надзор, односно овозможил да се користи неговата шифра од вработените во центарот. Третопријавениот со ставање на неговата шифра на располагање на други вработени овозможил нејзина злоупотреба, односно од неа да се пуштат наведените парични средства. Четврто и петтопријавените овозможиле на вработените да го користат службениот печат. односно да го злоупотребат со ставање печат на фалсификувани документи. Шестопријавениот во својство на директор во Центарот не покренал постапка за утврдување на одговорност за противправно остварување на правото на социјална сигурност на стари лица на подносителот. Седмопријавениот ставил потпис и печат на решението во име на лице, кое веќе било во пензија.
Но, овој најнов случај на злоупотреби во Центарот за социјални случаи во Тетово го наметнува прашањето: дали има и други неоткриени „шеми“ и случаи на нанесувања штета на државниот буџет на Република Македонија преку малверзации околу исплатата на социјалната помош, како што беше откриено уште во периодот од 2009 до 2011 година? За тој период во тоа време беа поднесени кривични пријави за 9 социјални работници од Тетово, осомничени од полицијата за злоупотреба на социјална помош во 36 предмети.
На 13 ноември 2012 полицијата имаше поднесено 9 кривични пријави против социјални работници од Тетово, кои, според МВР, доделувале социјална помош на лица, кои не ги исполнувале условите. Инспекторите на Министерството за труд и социјална политика пронашле незаконитости во 36 предмети од Центарот за социјални работи во Тетово. „Кривичните пријави се резултат на внатрешна контрола на работењето на повеќе центри, за кои имаше извесни информации за злоупотреба на правото на социјална парична помош.“ – имаше изјавено тогашниот министер за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Контролите се вршеле 7 месеци, а со примената на новиот софтвер биле констатирани извесни злоупотреби и неточно изнесување на податоци од страна на корисниците. Контролата покажала дека во периодот од 2009 до 2011 година осомничените овозможиле 36 лица да се стекнат со право на користење социјална парична помош. По извршената контрола од страна на редовните контроли од Министерството за труд и социјална политика, било утврдено дека примателите на социјална помош не ги усполнувале условите односно имало промена во нивната материјална, семејна и имотна состојба. Тетовските социјални работиници направиле штета од 21.000 евра на сметка на буџетот на РМ.
Тогашниот директор на тетовскиот Центар за социјални работи Н. С. ги отфрлил обвинувањата дека има злоупотреби во 36 предмети од страна на социјалните работници. Тој се бранел со тврдење дека „редовните контроли откриле неправилности поради тоа што податоците не биле ажурирани, па социјалните работници не можеле да знаат кај кои приматели се сменила материјалната, семејната и имотната состојба“.





