Приштина најавува притисок врз Скопје по најавата за воздржаност на Македонија

Косовските власти се вознемирени од изјавата на српската премиерка Брнабиќ која што вчера откри дека Македонија ќе биде воздржана доколку дојде до гласање за членство на Косово во УНЕСКО.



На Косово каде што сеуште има техничка влада и во тек се консултации за формирање на нови владини инситуции, изјавата на Брнабиќ е примена со вознемирување, велат извори во министерството за надворешни работи.

Веднаш по информацијата од Белград дипломатски претставници на Косово побарале итна комуникација со своите колеги во Скопје со цел да дознаат изворно дали Македонија повторно ја менува одлуката за евентуалното гласање.

Според косовските извори предходно од Скопје добиле уверување дека го имаат македонскиот глас за влез во УНЕСКО.

Во Приштина во тек се комуникации и со двете партии на Албанците во Македонија, ДУИ и Алијансата на Албанците од кои се бара да извршат силен притисок на владата во Скопје со цел доколку дојде до гласање за статусот на Косово во УНЕСКО Македонија да биде меѓу земјите кои што ќе се изјаснат „За“.

На Косово според последните проценки му фалат 2 гласа во Извршниот комитет на УНЕСКО во Париз и уште 5 во Обединетите Нации каде што во октомври би можело да се гласа за прием на Косово.

Косовските власти засега тврдат дека не поднесуваат апликација за членство затоа што поради политичката криза не можат да донесат два закони поврзани со мандатот на УНЕСКО но објективно  проблем е што техничката дипломатија не може да дојде до двотретинско мнозинство кое што ќе значи членство на Косово во Светската организација.

На последното гласање во ноември 2015 година Македонија гласаше за прием на Косово во УНЕСКО во Париз но тогаш на северниот сосед му недостасуваа три гласа.