Грчката парламентарна партија Унија на центристи го предупреди премиерот Алексис Ципрас дека прифањето на терминот Македонија во новото име на северниот сосед ќе значи политичка смрт за неговата партија СИРИЗА.
„Градоначалникот (на Солун, Јанис Бутарис – н.з.) официјално го именуваше Скопје како Македонија. На вебстраницата на Министерството за надворешни работи ги именува како Нова Македонија. Починатиот Константин Мицотакис пред неколку години ни препорача да го дадеме името Македонија, а за 10 години ќе го заборавиме. Владата вели дека е премногу близу до наоѓање на општоприфатено име. Да, но кое име? Бараме од господинот Ципрас да каже чие име има намера да го прифати, бидејќи ако има намера да го прифати терминот Македонија, тоа ќе биде надгробната плоча за СИРИЗА“, порачуваат од партијата со седум пратеници во грчкиот парламент, чиј лидер е Василис Левентис.





