Пожарот што втор ден тлее во Општина Чашка од утринава поради ветар повторно се активира, информира директорката на Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес, Жаклина Гушева, за МИА.
Вработени во претпријатието неколку дена се обидуваат да го стават под контрола огнот, но поради разгорување утринава упатиле итен повик до Центарот за управување со кризи барајќи воздушна поддршка во гаснењето на пожарот.
Вчера во гаснењето на пожарот биле вклучени два хеликоптери – еден армиски и еден на Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме од Министерството за внатрешни работи соопштија дека вчера напладне било уапсено 50-годишно лице од селото Ореше што признало дека сторило кривично дело предизвикување општа опасност.
„Тој се сомничи дека на 06.08.2024 околу 12 часот предизвикал пожар во реонот на с. Папрадиште кон с. Ореше, при што изгорела поголема површина со нискостеблеста шума и остатоци од сеча. Од него биле одземени предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со делото, а во службен разговор во полициска станица тој го признал делото“, соопшти МВР.
Под сомнение за подметнување пожар, претходно полицијата приведе неколку лица од Прилеп, Свети Николе и Радовишко.






