Шефот на државата врши последни консултации со десетина експерти од различни области во пресрет на изминување на рокот за верификација на Законот за јазиците.
Најдоцна до четврток Претседателот Иванов треба да каже дали ќе стави вето на Законот за јазиците кој минатата недела беше изгласан од пратениците во Собранието.
Шефот на државата може да се реши да го користи правото на суспензивно вето и законот заедно со своите забелешки да му го врати на Собранието.
Во таква ситуација законодавниот дом ќе мора да го помине законот во трето читање а пратениците имаат можност да поднесуваат амандмани само за забелешките кои Претседателот Иванов евентуално би ги доставил.
Во таква ситуација се отвора простор за ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието и согласно препораките на Претседателот Иванов да бара измени на законското решение.
Од партијата не ја отфрлаат оваа опција иако велат дека нема да коментираат пред Претседателот да излезе со својот конечен став.
Претседателот Иванов во своето годишно обраќање пред пратениците овој закон го оцени како опасен за унитарноста на државата.
Законот за јазиците македонскиот законодавен дом го донесе минатата недела без скоро никаква дебата, во отсуство на опозицијата и низ чудна скратена постапка користејќи го европското знаменце по што следеа бројни реакции на експертската јавност и граѓаните. Угледни професори, аналитичари и експерти законското решение го сметаат за спротивно на Уставот и доколку помине низ Собранието најавуваат соодветна постапка пред Уставниот суд.




