Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова денеска остварила средба со проф. д-р Огнен Марина, раководител на Центарот за напредни и постдокторски истражувања при УКИМ.
Повод за средбата биле активностите на Центарот што функционира од 2023 година и чија основна цел е да ги поттикне напредните истражувања во областа на одржливиот урбан развој преку промоција на интегриран и мултидисциплинарен пристап.

На средбата, проф. д-р Марина го образложил огромното значење на ваквите Центри за квалитетното образование и наука, презентирајќи успешни компаративни искуства од земјите на Европската Унија како и од земји од соседството.
„Неспорни се придобивките од ваквите центри и ние треба да ги ползуваме добрите практики“, потенцирал на средбата проф. д-р Огнен Марина.

Образложувајќи ги плановите на Центарот, проф. д-р Огнен Марина информирал и за научниот семинар на тема „Политики за урбан развој“, што треба да се реализира годинава.

Од своја страна претседателката се заблагодарила за споделените информации, ја поздравила досегашната работа на Центарот, го потенцирала значењето на постдокторските истражувања и се заложила за понатамошно градење капацитети за поддршка на истражувачите и иновациите.
Соговорниците се согласија дека постдокторските студии треба да бидат регулирани со Законот за високото образование, стои во соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.





