Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе биде во посета на Бугарија. Таа ќе оствари средба со претседателот на Бугарија Румен Радев. Во македонската делегација ќе бидат министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Спроти оваа посета премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање што очекува од неа нагласи дека државава сака да гради добрососедски односи без никаква дилема. „Ќе продолжиме да градиме добрососедски односи. Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, а своето не го даваме. Градењето добрососедски односи е европска вредност и треба така да продолжиме. На работна посета кај мене беше претседателот на Владата на Косово Албин Курти, во периодот којшто следи договараме и со премиерот на Албанија посета во Тирана или во Скопје. Договараме и со премиерот на Република Србија посета во Скопје. Претпоставувам дека во периодот, што следи, ќе има слични такви посети и со Мицотакис и со премиерот на Бугарија. Ние се видовме на Самитот на НАТО во САД. Нашата цел е да градиме добрососедски односи и така и ќе продолжиме. Имаме наши позиции во однос на нашите интереси. Ние ќе се бориме за нашите интереси како држава и не треба ништо да биде чудно.“ – посочи вчера Мицкоски.
Изминатава среда на средбата со новинарите во Владата на Македонија Мицкоски рече дека сега е период кога апсолутно ништо не може да се случи во преговорите со Бугарија се додека се избере Влада таму. „Во Бугарија ќе се случуваат нови предвремени парламентарни избори, седми по ред во последните три години,. Да почекаме да се случи таму политичка Влада, за да видиме дали постои желба за дијалог. Ние сме подготвени да разговараме, сакаме да разговараме и тоа им го пренесуваме на нашите соговорници, кои доаѓаат од Брисел. Нашите предлози се познати и коментирани многу пати до сега.“ – уакажа Мицкоски.
Говорејќи за уставните измени, оваа седмица тој повика со внесувањето на билатералните проблеми во евроинтегративниот процес. Според него, не станува збор дали граѓаните или политичарите имаат волја за уставни измени, туку дали во Брисел има волја да се реши ова прашање.






