Претседателката и премиерот Велигден го дочекаа во Охрид

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски со семејството вчера го дочекаа Христовото воскресение, Велигден во црквата „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид.



Со нив беа вицепремиерот Александар Николоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски, градоначалникот на Охрид и други верници.

На своите страници на Фејсбук тие објавија фотографии од велигденската атмосфера и честитки до сите христијани.

Претседателката Сиљановска Давкова напиша дека го дочекале Христовото воскресение, со смирение и духовна радост во возвишената атмосфера на црквата „Св. Богородица Перивлепта“, под светлината на свеќите и со молитви во срцата.

„Како стожер на верата, Христовото воскресение, кај секој христијанин веќе два милениума е симбол на животот и ги крепи нашата верба и надеж, инспирирајќи нè да ја негуваме духовноста и да даруваме љубов секому и секаде. Фактот што токму годинава сите христијани го прославуваат Велигден на ист датум нека биде поттик за сплотеност како кај нас, така и во целиот свет. Верувам дека вдахновени од големиот празник ќе најдеме енергија и сила да се соочиме со сите предизвици и искушенија, покажувајќи солидарност и заедништво. Христос воскресна! Навистина воскресна“, напиша претседателката Сиљановска Давкова.

И премиерот Мицкоски објави дека го дочекал Велигден заедно со охриѓани.

„Нека светлината од Воскресението на Христос донесе мир, љубов и надеж кај сите! Да ја славиме оваа победа на животот над смртта со вера, радост и благодарност. Христос воскресна! Навистина воскресна!“, објави премиерот за Велигден.