Претседателката бара институциите да донесат правда во случајот со Фросина Кулакова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова апелира надлежните институции да донесат правда во случајот со Фросина Кулакова.



,,На денешниот настан, со едноминутен молк оддадовме почит за младата Фросина Кулакова, чиј живот прерано згасна.

Апелираме до надлежните институции што е можно побрзо да го расветлат случајот и да ја задоволат правдата.

Младешкото знаење и креативност може да дојде до израз само во безбедно општество”, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова на средбата која се одржа во нејзиниот кабинет а на која се разговараше посилно влијание на младите во општествените текови.

Советот за млади, со учество на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска организираше панел дискусија по повод пет години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, на којашто се разговараше за имплементацијата на законот, воочените проблеми и потребните предлог-измени.

На почетокот на настанот, со едноминутен молк, присутните ѝ оддадоа почит на трагично настраданата Фросина Кулакова. Тие упатија апел до надлежните институции што е можно побрзо да го расветлат случајот и да ја задоволат правдата.

Панелистите споделија лични искуства од работењето во младинските тела и дадоа предлози за поефективно младинското учество во креирањето политики. Во расправата младите укажаа на отсуството на институционална поддршка и механизми за активно учество, како и на финансиската неизвесност на младинските центри што влијае на нивната функционалност.

Беа воочени низа слабости: сѐ уште не се формирани клучните координативни тела, Националното собрание на млади и Националното советодавно тело за младински политики, само во неколку општини се основани младински центри, а во повеќе од половина општини нема Локални младински совети, ниту се усвоени локални стратегии.

Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна потребата од системски пристап во решавањето на проблемите на младите, како и парламентарен надзор над спроведувањето на законот. Со оглед на одамна пречекорените законски рокови за формирање на клучните младински тела, таа смета дека дека во отсуство на институционална рамка постои опасност законот да биде правна илузија.

Голем дел од дискутантите побараа поактивна улога на новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади во овозможувањето на учество на младите во креирањето на младинските политики.

Расправата ја модерираше Филип Ивановски, член на Советот за млади, а панелисти беа: Арта Ќерими, поранешен член на Локалното собрание на млади на град Скопје, Мартин Крстиќ, службеник за млади во општина Куманово, Мартина Јачевска, координатор на Младинскиот центар-Пробиштип и Софија Волчевска, претседател на локалниот младински совет во општина Кисела Вода.

Претседателката денеска со врвни интелектуалци разговараше и на тема образовните реформи.

Претседателката Сиљановска-Давкова денеска прими професори од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет – Скопје кои ѝ го презентираа мислењето за нацртот на Концепцијата за реформи на гимназиското образование.

На средбата, професорите изразиле категорично противење на бришењето на предметот Филозофија од корпусот на задолжителни предмети, како и на отстранувањето на предметите Логика и Етика од категоријата изборни предмети од наставниот план.

За нив, ваквото решение е деградирање на овие темелни хуманистички науки што е противречно на прокламираните цели на концепцијата: развивање на критичко размислување, истражувачките способности и вештини за решавање проблеми; поттикнување на самодоверба; свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки; градење национален, етички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство и подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот.

Ваквата промена за професорите е сериозен чекор назад во развојот на личноста на младите луѓе и нивната подготовка за соочување со современите предизвици.

Претседателката, како долгогодишна професорка, изрази разбирање за нивните ставови и заложби, акцентирајќи ја важната улога на Филозофијата, Логиката и Етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе.

Таа изрази доверба во реформската ориентација и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат анализирани со должно внимание и земени предвид при креирањето на конечните решенија.