Премиерот Мицкоски денес во Брисел: „Ако стане збор за евроинтеграцискиот процес, ќе ги одбранам македонските национални интереси“

Премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани, денеска ќе престојува во работна посета на седиштето на Европската унија во Брисел. Мицкоски ќе присуствува на работен ручек, што за него и за останатите лидери од земјите од Западниот Балкан го организира претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.



Како што информира вчера портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, на работниот ручек ќе стане збор за односите меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан, како и за спроведувањето на Планот за раст на регионот, што го подготви Европската комисија, како и за реформските агенди, поврзани со него. Мицкоски ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување Герт Јан Копман. Мицкоски вчера најави дека главна тема на неговите средби во Брисел ќе биде Планот за раст на Западниот Балкан, истакнувајќи дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе е доставен до Брисел.

Ако стане збор на средбите во Брисел за евроинтеграцискиот процес, како што рече Мицкоски, тој ќе ги брани и ќе ги одбрани македонските национални интереси.

Спроти заминувањето во Брисел премиерот Христијан Мицкоски порача дека ќе побара од водечките европски лидери итна поддршка за забрзување на интегративниот процес на Македонија кон ЕУ. Како што нагласи тој, растат фрустрацијата  и незадоволството кај граѓаните по долгогодишното одложување. Затоа тој ќе истакне на денешните средби во Брисел дека дипломатските компромиси мора да престанат, инсистирајќи на решавање на клучните прашања преку европските институции, наместо билатерални договори кои го блокираат пристапувањето. Тој ќе ја изнесе својата увереност дека прекратувањето на билатерализацијата е неопходно, за да се избегнат непотребни блокади во пристапувањето. Оваа стратегија е од суштинско значење за деблокирање на интегративниот процес на Македонија кон ЕУ.