Предлогот на владата за уставните промени е одличен – и за нас, но уште повеќе за Бугарите

Со години, од првиот ден на објавувањето на Преспанскиот договор, трубам дека станува збор добар договор. Потикнав многу сомнежи и стекнав многу непријатели со тој став, но и денес упорно тврдам дека овој билатерален договор – во целина, а особено неговиот клучен член 7, кој ги дефинира и ги легитимира нашето и грчкото разбирање на името Македонија – е квалитетна завршница на ирационалниот спор којшто долги години ги оптоваруваше односите меѓу Атина и Скопје.



Премиерот Христијан Мицкоски завчера ме потсети на уште еден важен аргумент во прилог на мојот став дека Преспанскиот е добар договор. Тој аргумент што го бев изгубил од видното поле. Бев фокусиран на мојата клучна теза – тоа што во основата на спогодбата меѓу Атина и Скопје лежи еден болен компромис, кој ни наложува да го смениме официјалното (службено) име на нашата земја во „Северна Македонија“, сепак не значи промена на македонскиот идентитет.

Мицкоски потсети дека Преспанскиот договор, како и амандманите на македонскиот Устав во кој беше преточена спогодбата, содржат силна гаранција дека Грција нема да го попречува приемот на Македонија во НАТО.

Преспанскиот договор и уставните амандмани се условени со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО

Да се потсетиме, во врска со ова, во Преспанскиот договор, меѓу другото, е запишано: „… По добивањето на известување од Втората страна (Македонија – з.м.) дека ги завршила сите нејзини внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, вклучително и по завршувањето на можен референдум на национално ниво со исход кој е конзистентен со оваа спогодба и по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна (Македонија), Првата страна (Грција) ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна (Македонија) во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба.“

Во Одлуката за прогласување на амандманите 33-36 на Уставот, во кои се имплементира договорот, се вели: „Притоа, согласно конечната спогодба со Република Грција, се предвидува стапување во сила на амандманите со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција. Следствено, во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани.“

Значи, Мицкоски е во право кога вели дека Преспанскиот договор е договор чија реализација е условена со ратификација на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Грција – ако тоа не се случи, амандманите на Уставот нема да влезат во сила.

Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк: