Преговарачите за името на одмор, министрите стапуваат на сцена

Преговарачите за спорот околу името Васко Наумовски и Адамантиос Василакис веќе нема да се среќаваат со посредникот Метју Нимиц, пишува весникот „Независен“, кој тврди дека преговорите ќе ги водат делегации од министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција, предводени од министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас.



На оперативо ниво преговорите треба да ги водат и поинтензивно да комуницираат директорите за Балкан во министерствата, Александра Миовска и Софија Грамата.

Двете дипломатки веќе биле присутни на последната рунда преговори во Њујорк и се добро упатени во преговарачкиот процес, велат истите извори. Миовска беше присутна на рундата преговори што се одржа во Брисел во декември.

Нимиц, кој наскоро доаѓа во Атина и во Скопје, ќе се сретне со министрите Димитров и Коѕијас, кои по последната нивна средба во Солун најавија подиректна комуникација.

Нејасно е како во вакви услови ќе се оствари планот на Нимиц, кој во Брисел најави три рунди разговори со Наумовски и со Василакис во јануари, во февруари и во март.