Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари прва средба по изборот на функцијата со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Честитајќи му го изборот на Гаши за претседател на Собранието, амбасадорот Гир изрази очекување дека новиот парламентарен состав ќе работи посветено во остварување на стратешката цел на земјата за полноправно членство во Европската Унија.
Претседателот Гаши, од своја страна, се заблагодари за недвосмислената и континуирана поддршка на европските институции за процесот на проширување. Тој го поздрави Планот за раст на Западен Балкан, кој, како што рече, треба дополнително да го поттикне регионот да се подготви за членството во ЕУ, посебно преку спроведување реформи во делот на владеењето на правото, зајакнувањето на демократските институции, борбата против корупцијата, економскиот развој.






