Екс новинарката на МТВ и аналитичар Емилија Гелева е третиот политичар(ка) која што по Христијан Мицковски и Филип Петровски најави кандидатура за лидер(ка) на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нејзината објава на социјалните мрежи таа се кандидира без разлика дали ќе се одложи Конгресот.
Нејзината програма се состои од 3 точки: реформи во партијата, активна меѓународна комуникација со пријателските земји на Македонија и прекин на преговорите за името.
Целата објава за кандидатурата на Гелева
И да дојде и да не дојде до одложување на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ и со оглед на тоа дека досега никој не поднел програма за кандидатура, објавувам МОЈА КАНДИДАТУРА за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на се што сум изработила за Република Македонија во изминатите 27 години. Барам да бидам вклучена на листата на кандидати и да добијам подеднакво и фер право за презентација на мојата програма која ќе има ТРИ ГЛАВНИ точки:
1) Реформирање на Партијата ВМРО-ДПМНЕ и враќање и почитување на ИЗВОРНИТЕ ПРИНЦИПИ НА ВМРО во нејзиното делување. Тоа подразбира пред се ЧЕСНОСТ, ХРАБРОСТ и исклучиво почитување на правило на компетентност и знаење за добивање каква и да е функција, со единствена цел развој и Просперитет на Република Македонија.
2) Со цел брз развој и подигнување на животниот стандард во Република Македонија ќе се воспостави пракса на активно делување на меѓународната сцена и на соработка само со држави и сојузи кои ја прифаќаат Република Македонија со нејзиниот целосен интегритет како држава и ги уважуваат и почитуваат принципите на суверенитет на националните држави.
3) Итно стопирање на какви да е разговори за името на Република Македонија заради рамноправно опстојување во заедницата на светските народи и држави.





