Пошта се задолжувала со кредити откако минатата Влада ја стопирала државната помош

Владата минатата година не одобрила државна помош, но АД Пошта нашла начин како да ги покрива дупките – да се задолжува, пишува Фактор. Мк



Во објавениот ревизорски извештај на интернет-страницата на „Македонска берза“ пишува дека националниот давател на универзална поштенска услуга се задолжил краткорочно на една година со 3 милиони евра.

Во 2021 Владата обезбеди државна помош од неповратни 1,5 милиони евра за „Пошта“ за да ја надмине кризната ситуација, а во 2022 на сметката на акционерското друштво во државна сопственост биле префрлени 2 милиони евра. Но во текот на минатата година било одлучено ова претпријатие само да се снаоѓа со ситуацијата, така што АД Пошта решило да позајмува 120 милиони денари од Халк Банка и 100 милиони денари од МЕПСО.

– Друштвото има искористено краткорочен кредит од Халк Банка АД Скопје, во износ од 119.650 илјади МКД, со фиксна каматна стапка од 4,8 отсто и рок на враќање април 2024 година. Кредитот е обезбеден со меница.

Друштвото има искористено краткорочен заем од АД за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем во државна сопственост, АД МЕПСО Скопје, во износ од 100.000 илјади МКД со фиксна каматна стапка од 6 отсто и рок на враќање најдоцна до 20.06.2024 година. Кредитот е обезбеден со меница, пишува во ревизорскиот извештај.

Загубата на крајот на годината била 2,2 милиони евра. Претходната година исто така беше завршена со загуба од 3,7 милиони евра. Министерот за транспорт Александар Николоски летоска веќе информираше дека Пошта има долг од околу 10 милиони евра со подигнување на, како што рече, лихварски кредити.

Вицепремиерот најави анализа на состојбата и помош од буџетот за да се најде решение за проблемите во кои се наоѓа ова друштво како и двете железнички претпријатија. Николоски побара интервенција на истражните органи за злоупотреба на средства во овие три фирми, но досега нема информација дали има некакви наоди.

Извор: https://faktor.mk/vladata-ja-stopirala-drzavnata-pomosh-pa-ad-poshta-se-zadolzuvala-so-krediti-