Почнаа ли САД да ја казнуваат Македонија за гласањето во ОН?

Заканите на американката амбасадорка во ОН, Ники Хејли, дека ќе има санкции за земјите кои во Обединетите нации ќе се спротивстават на американската одлука да го признае Ерусалим за главен град на Израел, се чини, почнаа да се спроведуваат во дело.



Барем кога е во прашање Македонија.

Како што дознава „expres.mk“, иако нашата земја била ставена на список на учесници во значаен дипломатски настан што треба да се одржи деновиве, поканата во последен момент била откажана.

За разлика од Македонија, на средбата сепак ќе присуствуваат две балкански држави, Хрватска и Босна и Херцеговина, кои беа воздржани за време на гласањето во ОН за резолуцијата со која се осудува потегот на Доналд Трамп за Ерусалим и за преселба на американската амбасада во тој град.

Дали е ова јасен сигнал дека администрацијата на Трамп нема да заборави дека нашиот амбасадор во ОН, Василе Андоновски, се приклучил на 128 земји чии претставници гласаа за Резолуцијата, останува да се види.

Вчера амбасадорката, Ники Хејли, сопшти дека САД ќе го намалат својот придонес во буџетот на Обединети нации за цели 285 милиони долари во фискалната 2018-19 година.

Хејли го нарече ова „историска одлука“ и „голем чекор во добар правец“.

Ваквата одлука на САД дојде само неколку дена откако Генерално собрание на ОН со огромно мнозинство од 128:9 гласови и 35 воздржани донесе резолуција со која ја осудува одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп.