Јанис Бутарис, неконвенционалниот поранешен градоначалник на Солун (2011 – 2019), бизнисмен и енолог, почина на 82-годишна возраст.
Почина синоќа во приватна болница во Солун, каде што беше хоспитализиран поради сериозни здравствени проблеми.
Со трогателна објава семејството на Јанис Бутарис се огласи и се прости од поранешниот градоначалник на Солун и винар.
„Јанис Бутарис повеќе не е меѓу нас, тој почина вечерва на 82-годишна возраст, со семејството покрај него“, стои во објавата на семејството Бутарис.
Јанис Бутарис е роден во Солун во 1942 година, син на винарот Стелиос Бутарис и Фани Влахос. И двајцата негови родители биле од влашко потекло.
Семејството на неговата мајка имало корени во градот Крушево, сега во Поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), додека семејството на неговиот татко потекнувало од градот Москополе, сега во Албанија.
Како градоначалник на Солун, Бутарис првпат дојде во официјална посета на Македонија во 2013 и тогаш откри дека има влашки корени.
„Врските со семејството во Крушево со време се изгубени, но јас трипати бев да го посетам. Ја видов и куќата на мојот дедо. Бев многу горд. Тоа се моите корени“, кажа Бутарис во разговор за весникот „Вест“ во декември 2013.
Бутарис исто така беше гласен заговорник на нормализирање на грчко-македонските односи и ги осуди протестите во Солун во 2018 против правото на Република Македонија да го користи терминот „Македонија” во која било опција за решавање на спорот помеѓу двете држави, потсетува Фокус.






