Почетокот на 2025 година одбележан со најави за пуштање во употреба на повеќе автопати и делници

Почетокот на 2025 година одбележан со најави за пуштање во употреба на повеќе автопати и делници. Ќе се пушта експресниот пат Ранковце-Крива Паланка и делницата од експресниот пат Градско-Фариш, а во јуни и првите километри од автопатот Кичево-Охрид.



Од автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“ годинава се планира изградба долж целата траса на делниците Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на исто толку километри и на Гостивар–Букојчани, а на Прилеп–Битола на 25 километри. За втората фаза од автопатот Скопје – Блаце се очекува тендерска објава за надзор и за градежни работи следниот месец.

Од железничката инфраструктура што се гради, пак, завршена е првата делница од пругата кон Бугарија и треба да биде пуштена во втората половина од месецов.

Годината што измина завршува со реализација на вкупните капитални инвестиции од над 70 проценти. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), како носител на крупните инфраструктури проекти, согласно со последните податоци за капитални инвестиции во 2024 година, реализираше околу 200 милиони евра, од кои 55 милиони евра за коридорите 8 и 10Д.

Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, в сабота ќе биде пуштен експресниот пат А2, односно делницата Крива Паланка–Длабочица-Страцин (Чатал) и експресниот пат Градско-клучка Дреново.

Од ЈПДП велат дека ќе се исполни ветувањето за изградбата на експресните патишта.

„Како што ветивме, така и ќе биде. Постојано сме на терен и вршиме увид во работите на сите проекти, но фокусирани сме на неколку експресни патишта во изградба кои наскоро ќе бидат ставени во функција.  Тоа се експресниот пат Градско-клучка Дреново кој е дел од Коридорот 10Д во должина од 15,5 километри кој во текот на јануари 2025 година е предвидено да се пушти во употреба. Како што знаете експресниот пат Градско-Фариш се гради во фази и за почеток ќе биде пуштена првата делница, а делот од Дреново до Фариш со должина од 10,2 километри исто така е во напредна фаза, меѓутоа поради потреба од изведба на дополнителни работи заради заштита на земјани косини од ерозија, како и заштита на опасни карпи на дел од патот, кои влијаат на безбедноста на сообраќајот, во моментот се разгледуваат алтернативни технички решенија (изведба на галерија, потпорен ѕид). Исто така, се прават напори во почетокот на јануари 2025 година да се пушти во употреба и експресниот пат А2 делница Крива Паланка–Длабочица Страцин (Чатал) во должина од 25 километри, доколку временските услови го дозволуваат тоа“, изјави Коце Трајановски, директор на ЈПДП.

Целиот текст прочитајте го тука.