Последно збогум од јавните личности за Мирко Попов

Последен поздрав за легендата на македонската електронска музика, упатуваат голем број јавни личности.
– Овој пат за жал не е дезинформација, а и не е некоја тајна дека најчесто сме биле на различни страни, некогаш и не така пристојни еден кон друг, но сепак не може да се одземе ентузијазмот и жилавоста со која се бореше за скопската клубска сцена, желбата да ја промовира музиката и нови, млади сили кои уште долго ќе го чуваат од заборав. Светол пат Мирко Попов и сочувство до семејството. И ве молам без излишни и негативни коментари, повеќе би кажале за вас отколку за покојникот, напиша познатиот инфлуенсер Божидар Божиновски.



– Одвратен Google.. нема ниедна слика од младост… Не знам што да кажам: доаѓал дома кај мене, уште од средно, иако никогаш не сме биле посебно блиски, сепак – дел од ист свет, па и потесен круг. Цела младост ми прелета пред очи: Мондријан ерата, Чаршија во 90ти, 2000-ти, дома-факултет кога нонстоп се слушаше 103-ка.. Уф. Нема да бидеш заборавен, тоа е сигурно. Направи многу. За жал, постепено и систематично, сељачизмот го поклопува сето тоа, до невидливост, исто како што Гугл ги проголтал твоите најубави слики. „Како горе, така долу,“ ти би сакал така да бидеш поздравен, порача професорката Катерина Колозова.
Попов почина по неколку дена хоспитализација на скопските клиники како последица на мозочен удар
Збогум, вечен дечко… Денес, светот за нас кои го сакавме и почитувавме… застана во место. Се збогуваме со Мирко Попов, тој вечен дечко, кој се залагаше за слободна мисла и кој го возеше низ животот овде, една непопустлива креативност. Од раздвижените улици на Скопје во 1972 година, кога се роди…до лабораторијата на звуци што одекнуваа низ неговиот музички свет, во изминатите децении, Мирко Попов – тој пионер на македонската електронска музика…човек кој си направи своја револуција преку музиката која ја разбираа, оние кои што требаше да ја разберат. Како кога слушаш нечие чукање на срце, без помош на стетоскоп, напиша во својата објава Љубица Ангелкова.

Извор: https://skopjeinfo.mk/javnite-lichnosti-so-posledno-zbogum-do-skopskata-legenda-mirko-popov