Пазарот на труд во Македонија покажува чудни тенденции. Од една страна имаме намалување на бројот на вработени, а паралелно со него паѓаат и бројките на невработени граѓани. Во исто време имаме големо намалување и на бројот на активни граѓани, поточно граѓани кои се работоспособни и кои сакаат да работат, објави Фактор.

Од некогашните скоро 950 илјади активни граѓани во 2016 година, бројот на лица кои сакаат и можат да работат се намалил под 800 илјади граѓани во текот на минатата 2023 година. Ова го покажуваат податоците на државниот завод за статистика, каде може да се види, дека имаме пад и на бројот на вработени.
Имено во 2016 година биле вработени над 723 илјади граѓани, во текот на минатата година се намалиле на 688 илјади. Но, невообичаено е што најголемо намалување имаме толку кај бројот на невработени граѓани, кои од некогашните над 225 илјади спаднале на 103 илјади граѓани.

Дури и кај неактивното население имаме намалување. Па таму бројките од 730 илјади граѓани во 2016 година, се намалиле на 723 илјади. Но, загрижува уште една споредба со бројките кои ги објавува Државниот завод за статистика. Имено, во текот на минатата 2023 година имало повеќе некативни отколку вработени граѓани. Бројот на неактивни граѓани достигнале 723.459 лица, додека бројот на вработени во земјава бил 688.296 лица.
Ова е уште еден сигнал за масовното иселување од земјава, но може да биде и знак дека се повеќе граѓани работат без да бидат пријавени, хонорарно, привремено, или пак се насочуваат кон сеознски работи, при што за дел и понатаму нема евиденција дека се во работен однос. Ваквите тенденции се присутни и во текот на оваа 2024 година, кога се регистрира намалување на активните граѓани, паралелно со намалувањето на невработеноста.





