Автобусите на ЈСП Скопје попладнево престанаа да возат поради недостигот на нафта. Кога ќе има решение за овој проблем засега не се знае, но она што останува е проблемот на граѓаните – како утре да стигнат до работните места?!

На социјалните мрежи се појавија објави од граѓани кои нудат превоз до одредена релација низ која секојдневно поминуваат, а воедно да помогнат на некого на кого му е потребен превоз – ваквата објава ја поздравија многумина, па дури и останати се понудија да помогнат со превезувањето.

Во Скопје попладнево сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на ЈСП во Автокоманда и Ѓорче Петров поради недостиг на гориво. Од синдикатот на возачите велат дека состојбата е алармантна, а Град Скопје соопшти дека “се работи за смислено сценарио од страна на ВМРО-ДПМНЕ со цел пропаѓање на претпријатието“.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП „Скопје“ изјави дека состојбата е многу сериозна бидејќи, како што рече, речиси 70 отсто од возилата се паркирани.
- „Одговорот е едноставен, нема нафта. Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите бидејќи нема нафта и ТНГ. Низ градот сообраќаат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Нафтата вообичаено ни ја доставува „Пуцко Петрол“ во базите на ЈСП „Скопје“, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта“, рече Муча.
Тој најави дека е можно утре воопшто да не сообраќаат автобусите доколку во теков на денов не добијат гориво.





