Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел смета дека сегашното ниво на поддршка на Украина се’ уште е недоволно за да се подобри ситуацијата на бојното поле.
„Ние и даваме на Украина доволно само за да се справи, а понекогаш и помалку, додека Русија ја насочи целата своја економија кон воена акција и се потпира на безусловната поддршка на Северна Кореја и Иран.
„И да, европските земји би можеле да направат повеќе.
Ако ја пресметате нашата воена помош по глава на жител, таа е помалку од 2 евра по Европеец неделно.
Сигурно слободата на Украина и безбедноста на Европа вредат многу повеќе од цената на една шолја кафе неделно. Руската победа несомнено ќе ја чини Европа многу повеќе“, додаде тој.
Тој рече дека на Украинците итно им е потребна повеќе противвоздушна одбрана и муниција, како и оружје со долг дострел и дозвола за удар длабоко во Руската Федерација.
Европската унија конечно го исполни своето ветување дека ќе и достави еден милион парчиња муниција на украинската армија, изјави Борел, цитиран од UNIAN.
Според него, Киев веќе добил оружје во вредност од 45 милијарди евра од своите европски партнери, а сојузниците до крајот на зимата ќе обучат и 75.000 украински војници.






