Мацеј Соколовски, доктор по право од Полска, предизвика грчки корисници на „Твитер“ со пораката дека употребата на името Македонија од страна на Македонците не подразбира територијални претензии кон Грција.
„За нив, користењето на името е толку очигледно како и Грција за Грците, а, сепак, тие не сакаат да земат грчки територии и, конечно, во светот имаме многу примери на земји и региони што имаат исти имиња. Грчка Македонија не е југословенска Македонија и обратно“, твитна Соколовски, на чиј профил стои и дека е асистент на Факултет за право и администрација при универзитетот во Варшава, експерт за енергетика, претседател на АБЦ институт, потпретседател и генерален директор на Фондација „Истерн винд“.
Влегувајќи во полемика со грчки твитерџии, тој ќе ги поучи дека „прво, Словени се пишува со голема буква, исто како Хелени или Грци, второ, дијалогот и почитта се клучот на решението и, колку што се сеќавам, премиерот на Македонија/ПЈРМ предложи таков пристап“.
На констатацијата дека „тој навистина стои зад Груевски“, Соколовски ќе реплицира: „не секој -ски се залага за Груевски, ако тоа се однесуваше на мене, патем ве поканувам на предавање во Грција оваа година“.
А целата дебата ја поттикна коментарот на Соколовски дека е „голема срамота за сите оние што блокираат договор“ покрај преземениот неодамнешен напис во „Економист“ со наслов „Зошто Македонија сè уште има второ име“.





