По повеќемесечни протести на граѓаните на Кичево против дивата депонија која се наоѓа во урбаниот дел на градот, денес реагираше и полицијата.
Екипи од МВР денеска на барање на граѓани излегле на лице место и затекнале повеќе комунални возила од “ЈП Комуналец” кои во моментот вршеле незаконски истовар на отпад на дивата депонија.
Заради индиции за нелегална работа на општинското Јавно Претпријатие Комуналец, на распит во полицијата биле повикани десет лица вработени во комуналното претпријатие, меѓу кои и директорот Зендел Јонузи, кој 10 години е на чело на ова ЈП.
Директорот Јонузи важи за силен активист на ДУИ во општината и е близок соработник на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, по чиј предлог е избран да управува со комуналното претпријатие.
Исто така, на лице место МВР повикала и инспектори за заштита на животната средина, кои изготвиле записник за нелегалниот истовар на отпад.
Дивата депонија во Кичево зафаќа околу 9 илјади м2, лоцирана е меѓу населбите “Иванидол” и “Центар-2”, каде дневно се одлагаат околу 20 тони отпад.
Жителите на Кичево цели 5 години чекаат да се реши овој горлив проблем кој претставува и здравствен ризик од разни видови на загадувачи кои се одлагаат на депонијата.






