Од Демократската унија за интеграција во соопштение до медиумите тврдат дека „институциите се чистат од Албанците, особено институциите во областа на безбедноста“. Од ДУИ велат дека „институциите кои некогаш им служеа на сите, сега се претворија во алатки за етничка исклученост и создавање хегемонија“. ТВ 21 го пренесе ова соопштение на ДУИ, кое изобилува со етничко-политички апсурди и неосновани напади за наводната „етничка исклученост на Албанците“ и за наводното „создавање хегемонија на Македонците“. Во своето соопштение ДУИ со заканувачки тон истакнува дека „судбината на оваа земја не може да биде препуштена на милоста на духот, кој живее во минатото“, многу јасно целејќи на штитењето на македонската историја и временскиот континуитет на постоењето на македонскиот народ со својот македонски јазик, а од друга страна ова како да не е нималку важно за ДУИ и нејзините челници, за кои се многу поважни „европерспективите на земјата“ и кои постојано обрнуваат најголемо внимание на албанската национална историја, на корените на албанскиот народ и на албанскиот јазик.
Во своето соопштение партијата на Али Ахмети наведува: „Поминаа цели месеци од спроведувањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ преку одлуката на Уставниот суд за забрана на етничката припадност и укинување на механизмот балансер. Граѓаните беа измамени со ветувањето за нов закон со кој ќе се реши оваа неправда, но законот го нема до ден денес! Наместо тоа, институциите, особено безбедносните, се чистат од Албанци со јасен проект што не може да се нарече поинаку освен етничка исклученост.“
„Друго ветување што падна во вода беше ветувањето за уставни измени во рок од шест месеци. Ветија дисциплински мерки за полицаецот, што го понижи албанското знаме – измамија. Инсталирана е политика на измама, за да се купи време и да се задржи власта, но Албанците и граѓаните, кои веруваат во еднаквост и правда, јасно ги прочитаа постапките на оваа власт со еднонационален легитимитет. Албанците се систематски исклучени и маргинализирани, а тоа не е само неправда кон еден етникум, туку е и удар врз демократијата и стабилноста на земјата.“
„Толеранцијата кон оваа политика завршува! Судбината на оваа земја не може да биде препуштена на милоста на духот, кој живее во минатото! Вреди – (Не) Вреди! Институциите, кои некогаш им служеа на сите, сега се претворија во алатки за етничка исклученост и создавање хегемонија!“





